Брат Алојз: Екуменизмот во време на војна бара трпение

Брат Алојз: Екуменизмот во време на војна бара трпение

Во Рим заврши средбата на организаторите на екуменското бдение „Заедно“ што ќе се одржи на 30 септември 2023 година на плоштадот Свети Петар во пресрет на отворањето на XVI Редовното собрание на Епископската синода. Во интервју за Радио Ватикан – Vatican News, игуменот на екуменската заедница Тезе, брат Алојз, го споделува охрабрувањето што го добил од Светиот Отец и неговите размислувања за екуменскиот дијалог во Украина.

Приватна аудиенција кај папата Фрањо утрото на 15 март 2023 година во Ватикан го означи крајот на четиридневниот престој во Рим на организаторите на екуменското молитвено бдение „Заедно“. Бдението ќе претходи на отворањето на XVI Редовното собрание на Епископската синода во Ватикан, која ќе се одржи во октомври 2023 година. Идејата за ова екуменско молитвено бдение за млади на плоштадот Свети Петар доаѓа од брат Алојз, одговорен на заедницата Тезе. На настанот, кој ќе се одржи на 30 септември, ќе присуствуваат папата Фрањо и претставници на различни христијански конфесии.

Мирот за Папата е голем подарок

Во интервју за Радио Ватикан – Ватикан Њуз, иницијаторот на идејата за бдението „Заедно“ ја нарече аудиенцијата со папата Фрањо мала слика за тоа како заедницата на Тезе би сакала да помине бдението на 30 септември на плоштадот Свети Петар, кога христијаните од сите Цркви заедно ќе го слават она што доаѓа од Христа. Коментирајќи го поттикот на папата Фрањо „Не плаши се“ за време на аудиенцијата, брат Алојз рече: Дури и ако Светиот Дух понекогаш создава мал хаос, тогаш доаѓа хармонијата. Синодата не е парламент, туку хармонија која доаѓа од Светиот Дух. Многу е храбро што Папата го започна овој пат на отвореност кон Светиот Дух. Ние во Теза сме многу благодарни за ова“.

Во разговорот брат Алојз изразува благодарност за една деценија понтификат на папата Фрањо. „Светиот Отец ме прима секоја година, имаме момент на комуникација. Многу сум импресиониран од неговата смиреност. Ова е одличен дар. Има толку многу маки и товари што ги носи, но тој го има тој мир. Папата Фрањо е силен пример за мене лично, но мислам и за сите христијани“, сподели игуменот на заедницата Тезе.

Бараме единство

Одговарајќи на прашање за улогата на екуменизмот во Украина за време на војната, брат Алојз нагласи дека живееме во многу тешко време, а екуменизмот не е метода за надминување на сите постоечки тешкотии. Но, и покрај ова, според него, треба сериозно да ги сфатиме Христовите зборови „сите да бидат едно“.

„Со оглед на тензиите во Православната црква, сега не е лесно. Мора да бидеме трпеливи и да се трудиме што повеќе да општиме“, вели игуменот.

За време на минатиот Божиќ, брат Алојз ја посети Украина, посетувајќи различни црковни општини. Тој истакна дека екуменизмот за време на воен конфликт бара неуморно трпение: „Невозможно е да се прифати поделбата што ја создава војната. Пред да започне војната, мислевме дека е можно да се создаде единство на Црквите, но тоа не е така лесно. Значи, мора да се сретнеме со сите. Благодарение на посетите и заедничките молитви, можеме да го доживееме ова единство по кое копнееме“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот