Папата Фрањо го напиша предговорот за автобиографската книга за животот на Дороти Деј со наслов „Го најдов Бог преку неговите сиромашни“. Од атеизам до вера: моето внатрешно патување“ во издание на Ватиканската издавачката куќа – ЛЕВ. Дороти Деј (1897-1980) е основачка на Католичкото работничко движење, новинарка, писателка, пацифист и активист, запаметена по нејзиното застапување за сиромашните и социјалната правда.
Животот на Дороти Деј, како што таа самата зборува на страниците на таа книга, е една од потврдите на она што папата Бенедикт XVI веќе силно го поддржуваше и на што јас самиот се потсетив во неколку наврати: „Црквата расте со привлечност, а не со прозелитизам“. Начинот на кој Дороти Деј раскажува за нејзиното пристапување во христијанската вера го потврдува фактот дека не се човечките напори или лукавството што ги приближува луѓето до Бога, туку благодатта што доаѓа од милосрдието, убавината што доаѓа од сведочењето, љубовта што дава конкретни факти, истакнува папата Фрањо во својот предговор во книгата, која е преведена на италијански јазик.
Во 2000 година е прогласена за Божја слугинка, Американката Дороти Ден (1897-1980) го посветила својот живот на социјалната правда и човековите права, особено на сиромашните, угнетените работници и на маргинализираните од општеството. Папата оддаде почит на нејзиното животно сведочење пишувајќи дека сите можеме да научиме од нејзиниот немир, нејзиното разбирање за Црквата и начинот на кој им служела на другите.
Опишувајќи го немирот на Дороти Деј, Папата го истакна нејзиниот пат од напуштање на верската пракса до повторно откривање на нејзината вера во Бога, што за неа претставуваше полнотата на животот. Дороти го гледала Бога не само како утеха, туку и како исполнување на желбата за смисла и радост.
Папата понатаму пишува дека Господ копнее по немирни срца, а не по буржоаски души кои се задоволни со тоа што постојат. Објаснува како Бог ни го дава огнот на божествената љубов кој го остварува она што е убаво, вистинито и исправно што престојува во срцето на секоја личност.
Папата потоа се осврна на зборовите што Дороти Деј ги упати на Католичката црква и покрај недостатоците и слабостите на нејзините членови. Како што растеше нејзиното придржување до вистините на верата, така растеше и нејзиното размислување за божествената природа на Католичката црква, напиша Римскиот бискуп. Меѓутоа, таа ги препозна слабостите на членовите на Црквата со чесен и просветлен став со кој уште можеше јасно да ја види широката слика за повикот и идентитетот на Црквата: божествената, а не човечката реалност која нè води до Бога и преку која Бог може да допре до нас.
Конкретното настојување на Дороти Деј да им помогне на другите како активист и новинар стана еден вид „автопат“ преку кој Бог допре до нејзиното срце, нагласи Папата. Таа покажа дека борбата за правда нуди начин да се оствари Божјиот сон за помирено човештво. Папата додаде дека денес и верниците и неверниците можат да бидат сојузници во промовирањето на достоинството на секој човек кога љубат и им служат на напуштените луѓе.
Ватикан њуз/к.мк