Ангел Господов: Да научиме да ја препознаваме светлината на Божјата љубов во секојдневниот живот

Ангел Господов: Да научиме да ја препознаваме светлината на Божјата љубов во секојдневниот живот

Убавината и сјајот што Исус им ги покажа на своите ученици на гората Тавор е убавината на неговото лице кога ќе се воздигне на крстот и тоа изобличено. Коментирајќи го Евангелието од Втората недела од Великиот пост, Папата ги поттикна верниците да го видат доброто присутно во бројните луѓе околу нив. Нивната љубов е сведоштво за Божјото присуство и ги исполнува нашите срца на другите да им служиме великодушно.

Евангелието од неделната Литургија, Втората недела од Великиот пост, зборува за преображението на Исус на гората Тавор, со што на тројца ученици кои го следат им ја открива убавината на Синот Божји. Убавината која подоцна ќе мора да знаат да ја препознаат во реалноста на крстот и во лицата на своите ближни.

Убавината на Божјата љубов во Исусовото лице

Започнувајќи го своето размислување на пладневното обраќање во недела 5 март 2023 година, папата Фрањо објасни што Петар, Јаков и Иван навистина видоа во тој посебен момент и истакна дека ја гледаат Божјата светлина како свети во Исус, совршената слика на Отецот; ја гледаат Божјата љубов вополотена во него. Тоа е подготовка за тоа што ќе се случи подоцна.

Какво изненадување за учениците! Толку долго го имаа пред очи лицето на Љубовта и никогаш не забележаа колку е убаво! Дури сега, со неизмерна радост, го сфаќаат тоа. Исус, всушност, ги поучува со тоа искуство, ги подготвува за уште поважен чекор. Наскоро, всушност, ќе мора да знаат да ја препознаат истата убавина во него, кога ќе се воздигне на крстот и лицето ќе му биде изобличено.

Светлина која дава сила за соочување со животот

Она низ што тие поминуваат е прекрасно искуство – додаде Папата – толку големо што Петар сака да го запре времето, но Исус не го сака тоа. Неговата светлина не е магија на минлив момент, туку светлина што го покажува патот, која не ги оддалечува учениците од реалноста на животот, туку им дава сила да го следат до крстот.

Браќа и сестри, ова Евангелие ни отвора пат: нè учи колку е важно да се биде со Исус, дури и кога не е лесно да се разбере сè што вели и прави за нас. Кога сме со него, имено, учиме да ја препознаваме на неговото лице блескавата убавина на љубовта што се дарува, дури и кога ги носи знаците на крстот. Во неговото училиште учиме да ја гледаме истата убавина во лицата на луѓето што ги среќаваме секој ден на нашиот пат на животот.

Да го препознаме доброто за да им го даруваме на другите

Затоа, Римскиот бискуп ги поттикна верниците да ги отворат очите и да ги забележат бројните светли лица што ги среќаваат, насмевките и солзите што зборуваат за љубовта. Од нив добиваме светлина што можеме да ја пренесеме на другите преку нашите конкретни постапки, живеејќи го нашиот секојдневен живот повеликодушно.

Можеме да се запрашаме: дали знаеме да ја препознаеме светлината на Божјата љубов во нашите животи? Дали го препознаваме со радост и благодарност на лицата на луѓето кои нè сакаат? Дали бараме наоколу знаци на таа светлина, која го исполнува нашето срце и го отвора за љубов и служење? Или претпочитаме краткотраен блесок на идолите кои нè отуѓуваат и нè ограничуваат во себе?

Своето размислување, папата Фрањо го заврши упатувајќи ги своите мисли кон Богородица која го придружуваше нејзиниот син до Голгота, посакувајќи таа секогаш да нè придружува на патот на љубовта.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот