Папата Фрањо во базиликата Свети Павле: Недоследноста ја минира веродостојноста на Црквата

Ватикан, 15.4.2013 /к.мк/ – „Господ нè праќа да го навестуваме со радост Воскреснатиот“, со овие зборови се обрати папата Фрањо на почетокот на Литургијата, во недела попладне, во базиликата Свети Павле. Со него сослужуваа и Дом Едмунд Пауер, игумен на манастирот кој се наоѓа во рамките на базиликата Свети Павле и кардиналот Џејмс Михаел Харви, ректор на Папската базилика. На почетокот Светиот Отец се задржа во молитва на гробот на Свети Павле.

„Свети Павле го проповедаше Господ со зборови, Го посведочи со мачеништвото и го љубеше со целото свое срце“. Анализирајќи го првото читање Папата потсети дека апостолите го навестуваат со храброст она што го примија. Не ги спречува забраната да молчат, ниту ги спречува заканата дека „ќе бидат приковани“ или дека „ќе бидат затворени“. „А ние?“, запрашува Папата:

„Знаеме ли да зборуваме за Христос, за тоа што Тој значи за нас, за семејството, за лицата кои се дел од нашиот секојдневен живот? Верата се раѓа преку слушање, а се засилува со навестување“, рече Папата.

Осврнувајќи се на евангелието Светиот Отец посочи дека средбата со Христос дава еден нов правец. Тоа значи дека апостолите сведочат исто така и со животот. „Во евангелието Христос го потсетува свети Петар: кога беше помлад, сам се препашуваше и одеше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацето свои, и друг ќе те опаше и поведе на каде што нејќеш. (сп. Иван 21,18) Тоа се зборови упатени пред сѐ до нас пастирите: не може да се паси стадото Господово, ако не се прифати да се биде воден од Божјата волја, дури и таму каде што не би сакале, (…) да го сведочиме Христос, (…) без резерви, без калкулирање, понекогаш и по цена на сопствениот живот. Евангелието треба да биде навестено и посведочено“.

Во продолжението на хомилијата Светиот Отец потсети на советот за проповедање на Евангелието кој свети Фрањо од Асизи го дава на своите собраќа, ако е потребно, дури и со зборови. „Недоследноста на верниците и на пастирите помеѓу тоа што го велат и тоа што го прават, помеѓу зборот и начинот на живеење ја минираат веродостојноста на Црквата. Господ ни подари голем дар избирајќи нѐ за негови ученици и нѐ повикува да го навестуваме како Воскреснат со зборови и со сведочење во нашиот живот соблекувајќи ги идолите и љубејќи Го само Него“.

На крајот на Светата Литургија, Папата се упати во капелата на Распнатиот за да се поклони на иконата на Богородица од XIII век пред која на 22 април 1541 Свети Игнациј од Лојола заедно со своите другари ги положија вечните завети, важен настан за Дружбата Исусова.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<