Папата: Да молиме без престанок

Евангелието нè учи дека е потребно „секогаш да молиме и никогаш да не ја изгубиме вербата“ – потсети папата Фрањо на Генералната аудиенција на 25 мај 2016 година. По катехезата повика на заштита на децата, ги поттикна верниците да учествуваат во процесиите за празникот на Пресветата Евхаристија.

Евангелието нè учи дека е потребно „секогаш да молиме и никогаш да не ја изгубиме вербата.“ Не се работи за тоа да молиме само понекогаш, кога ние ќе посакаме. Не, Исус вели дека треба „да молиме секогаш, не запирајќи“ – рече папата Фрањо на Генералната аудиенција на 25 мај 2016 година. По катехезата повика на заштита на децата посебно оние кои се изложени на експлоатација и злоупотреба, ги поттикна верниците да учествуваат во процесиите за празникот на Пресветата Евхаристија и повика на молитва за Сирија.

Упорната молба на сиромашната вдовица

Осврнувајќи се на Исусовата парабола за неправедниот судија и упорната вдовица, Папата рече дека во стариот Израел судиите – заради важната служба за изрекување на пресуда врз основа на Мојсеевиот закон – би требало да бидат достојни луѓе на верата, непристрасни и неизвалкани. Меѓутоа судијата во Господовата парабола „не се плашел од Бог и не се грижел за никого“, не водел сметка за законот, туку правел што сакал според сопствените интереси.

Нему му се обраќа вдовица и го моли да ја одбрани од тужителите. Нејзините права – бидејќи спаѓала во најнезаштитената група – би можеле лесно да се згазат; било лесно да се занемари една сиромашна вдовица. Така е и со сиракот, странецот, мигрантот – рече папата Фрањо. Соочена со рамнодушноста на судијата, вдовицата го прави она единственото што го може: упорна е во своите молби и токму со таа упорност ја постигнува целта. Судијата одлучува да ја одбрани, но не затоа што и се смилувал, туку за да не му досадува повеќе.

„Молитвата не е магично стапче!“

Врз основа на таа парабола Исус поучува: ако вдовицата можела со својата упорна молитва да го покрене неправедниот судија, колку повеќе Бог, добар и праведен Отец „ќе ги одбрани своите избрани кои дење и ноќе викаат кон Него?“ Затоа Исус поттикнува да не се умориме да молиме. Иако сите доживуваме моменти на умор и обесхрабрување посебно кога молитвата ни изгледа неефикасна, Исус ни гарантира: Бог ќе ги услиша своите деца, дури и ако не во времето и на начинот на кои ние тоа сме го сакале.

„Молитвата не е магично стапче“ – нагласи Светиот Отец. Молитвата ни „помага да ја сочуваме верата во Бог, да Му се довериме и тогаш кога не ја разбираме неговата волја.“ Папата наведувајќи го Посланието до Евреите истакна дека за тоа ни е пример самиот Исус: „Тој во деновите на својот земски живот со силен крик и солзи му ги пренесувал молитвите и прозбите на Оној Кој можел да го спаси од смртта. И беше услишан заради својата посветеност.“

„Оној кој моли пред сè тежнее за заедништво со Бог“

„Бог го спасил Исус од смрт“, но патот кој до тоа го доведе „била самата смрт!“ Исус и во Гетсиманија во вознемиреност го молел Отецот да го ослободи од чашата на маките, но неговата молитва била исполнета со доверба во Отецот и безрезервна доверба во неговата волја. „Предметот на молитвата преминува во втор план; она што пред сè е важно е односот со Отецот. Тоа ја прави молитвата: ја преобразува желбата и ја сообразува со Божјата волја каква и да биде“, затоа што „оној кој моли пред сè тежнее за заедништво со Бог“ – објасни Папата.

Параболата за вдовицата и судијата завршува со прашањето: „Но, кога Синот Човечки ќе дојде дали ќе најде вера на земјата?“ Тоа прашање е предупредување: не треба да се откажеме од молитвата; таа ја чува верата и без неа верата е во опаѓање. „Да го молиме Господ за вера која постојано, упорно моли како вдовицата од параболата“ – поттикна Папата.

Апел за заштита на децата

На крајот од катехезата потсети дека денес се одбележува Меѓународниот ден на исчезнатите деца. Нагласи дека имаме должност да ги заштитуваме децата, посебно оние кои се во голема опасност од експлоатација и трговија со луѓе. „Се надевам дека граѓанските и верските власти можат да ја поттикнат и да ја разбудат совеста за да се избегне рамнодушноста пред тешкотиите на осамените и експлоатирани деца разделени од своите родители и социјалниот контекст, деца кои не можат мирно да растат и да гледат на иднината со надеж.“ Затоа повика на молитва секое дете да се врати во прегратката на своето семејство.

Процесија за празникот на Пресветата Евхаристија

Покрај тоа напомена дека утре се слави празникот на Пресветата Евхаристија. Папата во 19.00 часот ќе ја предводи светата Литургија на плоштадот Свети Иван Латерански, а потоа во процесија ќе се упати до базиликата Света Марија Велика. Верниците ги повика да учествуваат „во тој свечен и јавен чин на верата и љубовта кон Исус, реално присутен во Евхаристијата.“

Молитва за „саканата Сирија“

На крајот го сврте вниманието на „саканата Сирија“ каде што во неодамнешните терористички напади се убиени повеќе од стотина невооружени цивили.  „Ги поттикнувам сите на молитва, да го молат милосрдниот Отец, да ја молат Пресвета Богородица за да им даде вечен покој на жртвите, утеха на семејства и да ги преобрати срцата на оние кои сеат смрт и уништување“ – рече папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот