Објавена програмата за патувањето на Папата во Африка

Светиот Престол ја објави програмата за апостолското патување на Светиот Отец во Кенија, Уганда и Централна Африканска Република. Ова патување, од 25 – 30 ноември 2015 година, ќе биде прва посета на Африка од папа Фрањо како наследник на свети Петар. Петдневната посета вклучува посета на сиромашната населба во Најроби (Кенија), посета на светилиштето на англиканските и католичките маченици во Намугонг (Уганда) и посета на логорот за бегалци во Централноафриканската Република.

Прва земја која Светиот Отец ќе ја посети е Кенија. Првиот ден од патувањето, 25 ноември, предвиден е за средба со претседателот на државата, претставници на властите и дипломатскиот кор во Најроби. Следниот ден треба да се одржи меѓурелигиска и екуменска средба и предвидено е Папата да служи Миса во универзитетскиот кампус во Најроби. Попладне ќе се сретне со богопосветените лица и ќе ја посети канецларијата на Обединетите Нации.

Во петок, 27 ноември, планирано е посета на еден сиромашна населба во Најроби, средба со млади и состанок со епископите. Во попладневните часови, според распоредот папата Фрањо ќе се упати кон Уганда, каде што следниот ден прво ќе го посети англиканското, а потоа католичкото светилиште на мачениците во Намугонг, каде што ќе слави света Миса. Попладне е предвидено средба со младите и посета на еден центар за сиромашни. Вечер ќе се сретне со епископите, а потоа и со свештеници, монаси, монахињи и семинаристи во месната катедрала.

Следниот ден, 29 ноември, околу пладне Папата би требало да стигне во Централноафриканската Република и ќе се сретне со претседателот, претставници на властите и дипломатите, а после тоа е предвидена посета на еден логор за бегалци, средба со епископите и попладне средба со евангелско протестанската заедница. Света Миса ќе одржи вечерта во катедралата во Банги, а во 19 часот ќе започне молитвено бдение.

Последниот ден од патувањето на африканскиот континент, во понеделник, 30 ноември, Папата треба да ја посети исламската заедница во Банги и да служи света Миса на стадионот. После церемонијата на опростување, Светиот Отец ќе се врати во Рим, каде што треба да пристигне во вечерните часови.

РВ/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот