Папата Фрањо: Вистинската власт во Црквата е служењето
Ватикан, 21.5.2013 /к.мк/ – Напредокот за христијанинот значи да се понизи, како што направи Исус. Тоа го, рече Папата Фрањо на денешната света Литургија во капелата на домот Света Марта во Ватикан. Вистинската моќ е служењето, затоа во Црквата не треба да постои борба за власт, истакна Папата. Заедно со папата Фрањо сослужуваше програмскиот директор на Радио Ватикан, отец Анџеј Копровски, а на Литургијата присуствуваа група вработени од Радио Ватикан и од Канцеларијата за верници и туристи на Ватиканската управа. Покрај нив на литургијата присуствуваа и Марија Воче и Џанкарло Фалет, претседател и заменик-претседател на Движењето на Фоколарите.
Во своето размислување папата Фрањо се задржа на евангелскиот извадок од денешната литургија (Мк. 9, 30-37), во кој Исус им зборува на своите ученици за своето страдање. Наместо да ги слушаат неговите зборови, ученици расправаат околу тоа кој е поголем меѓу нив. „Борбата за власт во Црквата не е својствена само за нашите денови, туку започнува уште од времето на Исус“, посочи Светиот Отец. Според зборовите на Исус, кажани во евангелието, таа борба за власт во Црквата не треба да постои, бидејќи вистинската власт „оваа на која нè научи Господ со својот пример е „власта на служењето“:
„Вистинската моќ е служењето. Така како што направи Господ, кој дојде не за да Му служат, туку за да служи. Неговото служење беше служење на Крстот. Тој се понизи до смрт, до смрт на Крстот, за нас, за да ни служи и да нѐ спаси. Не постои друг пат во Црквата по кој треба да напредуваме. За христијанинот, напредокот значи да се понизи. Ако не се научиме на тоа христијанско правило, никогаш нема да можеме да ја разбереме вистинската порака на Исус за власта“.
Напредокот значи да се „понизиме, да служиме секогаш“. Во Црквата, додаде Папата, „најголем е оној што најмногу служи кој пожртвувано им служи на другите“. Тоа е правилото! Сепак, посочи папата Фрањо, уште од самиот почеток до денес постојат „борби за власт во Црквата“:
„Кога се поставува некого на нова должност, која во очите на светот е висока, се вели: „Оваа жена беше подигната во претседател … овој човек беше подигнат … “. Зборот „подигнат“ е многу убав и треба да се користи и од страна на Црквата: „Овој беше издигнат на Крстот, оној беше издигнат во понижувањето“. Еве го вистинското „издигнување“: она што „личи најмногу на Исус“.
Папата го цитираше свети Игнациј од Лојола, кој во своите „Духовни вежби“ ја бара од распнатиот Исус „благодатта на понижување“. Тоа „е вистинската моќ на служење во Црквата“, подвлече Папата. Овој е вистинскиот пат на Исус, вистинското издигнување, а не световното:
„Патот на Господ е Неговото служење: ние треба да го следиме примерот на Неговото служење, патот на служењето. Тоа е вистинската власт во Црквата. Денес сакам да се помолам за сите нас, Господ да ни даде благодат да разбереме подобро, дека вистинската власт во Црквата е служењето. Но исто така и да се разбере она златно правило на кое Тој нè научи со својот пример: напредокот за христијанинот значи да се спушти, да се понизи. Да ја побараме таа благодат“. (В.Н.)