Папата: Стравот упропастува и ја одзема силата

Заедниците кои се страшливи и тажни не се христијански, тие се болни– рече Светиот Отец на светата Литургија на 15 мај во капелата на домот Света Марта. Размислувајќи за литургиските читања Папата се осврна на зборовите: радост и страв.

Стравот нè упропастува, ни ја одзема силата, намалува и попречува. Човек кој се плаши „не прави ништо, не знае што би правел.“ Концентриран е на себе си, да не му се случи нешто лошо. Стравот води до себичен егоцентризам и попречува. Христијанинот кој се плаши не ја сфатил Исусовата порака – рече папата Фрањо, додавајќи:

Всушност затоа Исус на свети Павле му говори: Не плаши се. Продолжи да зборуваш! Стравот не може да се спои со христијанско однесување. Страшливите души се несигурни, се плашат да гледат напред, се плашат да делуваат, се плашат да прават добро. Секогаш мислат дека нешто е опасно, дека може ова или она да се случи… Таа е нивната мана. Стравот е лош, а страшливата заедница во сè гледа забрана.

Да не се плашиш значи да молиш за милоста на смелост, за храброста кои ни ги испраќа Светиот Дух. Има заедници кои се плашат, кои секогаш одат по сигурното, кои се плашат од сè… Како на влезните врати да им е напишано: „забрането“, заради стравот сè е забрането. Во таквата заедница ќе влезеш и веднаш чувствуваш расипан воздух, бидејќи е болна. Боледува од страв. Заради недостаток на храброст заедницата се разболува.

Треба да се разликува стравот од богобојазноста која е света. Богобојазноста е поклонување на Бог, крепост. Таа не намалува, не ослабува, не попречува, туку носи напред кон посланието кое Господ ни го одредува – објасни Папата.

Зборувајќи пак за радоста потсети на Исусовите зборови дека никој не може да ни ја одземе радоста. Во најтешките моменти и во жалостите радоста дава спокој. Напротив, забавата во очај се претвора во темнина, во мрак. Вистинскиот христијанин не може да биде очаен. Ако христијанинот го изгуби мирот во искушенијата, болестите, бројните тешкотии, тогаш нешто му недостасува – рече Светиот Отец.

Христијанската радост не е обична забава, не е минлива веселба, таа е дар на Светиот Дух. Христијанското срце секогаш е радосно, бидејќи Господ победи, царува, седи од десно на Отецот, бидејќи својот поглед го сврти на мене и ме направи свое дете. Таа е христијанската радост. Христијанинот е секогаш радосен – рече Папата.

На крајот од проповедта Папата се осврна и на животот на христијанската заедница. Ако христијанската заедница е тажна, тогаш е болна. Можеби е забавна, но боледува од световноста, бидејќи во неа ја нема радоста на Исус Христос. Исто така Црквата ако е страшлива или ако не ја прифаќа радоста на Светиот Дух се разболува; се разболува заедницата и верниците. Проповедта ја заврши со молитвата: „Боже, воздигни нè кон Христос Кој седи од Твојата десна страна, воздигни го нашиот дух. Отстрани го секој страв и дади ни радост и мир.“

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот