На 21 мај 2018 година, папата Фрањо во синодската сала во Ватикан ја отвори работата на Генералното собрание на Италијанската епископска конференција (CEI).
Папата во говорот до членовите на Италијанската епископска конференција се фокусираше на следните три теми: транспарентност во економското управување и евангелското сиромаштво, кризата за свештенички звања и реорганизација на италијанските бискупии.
Сиромаштвото како мајка и бедем на посветениот живот
Како и многу пати до сега, Светиот Отец истакна дека сиромаштвото е мајка и бедем на посветениот живот. Без сиромаштво нема апостолски жар. Кој верува не може да проповеда сиромаштво, а да живее како фараон – предупреди папата напоменувајќи дека против сведоштво е кога зборуваме за сиромаштво, а водиме луксузен начин на живот. Во тој контекст рече дека Црквата мора да предничи во добриот пример.
Транспарентност и јасни правила кои важат за сите
Папата Фрањо ги повика италијанските епископи на поголемо залагање против корупцијата. На присутните им рече дека на црковното подрачје паричните трансакции треба да се вршат со голема транспаретност. Скандалозно е да се управуваат цровни добра како да станува збор за сопствени – предупреди Папата напоменувајќи дека се потребни јасни правила кои важат за сите.
Причини за падот на звањата
Коментирајќи го пак опаѓањето на бројот на звањата во земјата која со векови била плодоносна и великодушна во давањето мисионери, монаси и монахињи и свештеници, Светиот Отец објасни дека причината за тој пад е што Италија и Европа ги зафати културата на привременост, релативизам и дикататурата на парите кои ги отуѓуваат младите од посветениот живот, а на тоа треба да се додадат и скандалите како и млакото сведоштво.
Подвижност на свештениците
Зборуваше потоа за подвижноста на свештениците внатре во Италија, имајќи в предвид недостатокот на свештенички звања, напомена дека е потребно да се испраќаат свештеници од бискупија со голем број звања во оние каде недостасуваат свештеници. Папата рече дека Црквата во Италија треба да биде креативна во решавањето на тој проблем. Повикувајќи се на мисионерската енциклика на папата Пио XII „Fidei Donum“ од 1957 година, папата Фрањо предложи, како што неговиот претходник повикал да се испраќаат свештеници во Африка, Азија и Јужна Америка, за да се одговори на недостатокот на звања, така и Црквата во Италија треба да оствари сличен модел внатре во сопствената земја.
Реорганизација на бискупиите
На крајот се осврна и на темата за намалување на бројот на италијанските дијацези. Папата Фрањо следејќи го примерот на блажен Павле VI зборуваше во прилог на реорганизација и спојување на црковно административни подрачја. Станува збор за актуелен прокет кој треба да биде довршен што порано – заврши Светиот Отец.
РВ/к.мк