Папата: Сингапур е пример за тоа што може да постигне човештвото работејќи заедно

Папата: Сингапур е пример за тоа што може да постигне човештвото работејќи заедно

Во рамките на посетата на Сингапур, последната дестинација од 12-дневното апостолско патување во земјите од Југоисточна Азија, папата Фрањо во четврток, 12 септември 2024 година, во театарот на Универзитетскиот културен центар „Националниот универзитет во Сингапур“ се сретна со претставници на власта, граѓанското општество и дипломатскиот кор во Сингапур.

Папата им се заблагодари на сите владини претставници за срдечното добредојде во, како што рече, „овој град-држава, трговска крстосница од примарна важност и место за средба на различни народи“.

Оној кој доаѓа овде за прв пат, истакна Папата во продолжение, едноставно не може да не биде воодушевен од шумата на ултра модерни облакодери кои како да никнуваат од морето. Тие се јасно сведоштво за човечката генијалност, динамиката на сингапурското општество и остроумноста на претприемачкиот дух, кои овде нашле плодна почва да се изразат.

Понатаму, важно е дека Сингапур не само што напредувал економски, туку настојувал да изгради општество во кое социјалната правда и општото добро имаат висока цена. Особено мислам на вашата заложба за подобрување на условите за живот на граѓаните преку јавните станбени политики, квалитетно образование и ефикасен здравствен систем. Се надевам дека овие напори ќе продолжат целосно да ги вклучуваат сите Сингапурци.

Папата, предупреди на ризикот од ставање на „прагматизмот или заслугите над сè друго“, што, според него, може ненамерно да доведе до исклучување на маргинализираните.

Во тој контекст, Папата ги препозна и ги пофали „различните политики и иницијативи кои се покренати за поддршка на најслабите“ и изрази надеж дека „посебно внимание ќе им се посвети на сиромашните, старите лица – чии труд и напор се вградени во темелите за Сингапур каков што го знаеме денес – а исто така и да го заштитиме достоинството на работниците мигранти, кои во голема мера придонесуваат за изградбата на општеството и на кои мора да им се гарантира правична плата“.

„Софистицираните технологии на дигиталната ера и брзиот развој на употребата на вештачката интелигенција не смеат да нè наведат да заборавиме дека од суштинско значење е да се негуваат вистинските и конкретни меѓучовечки односи; и дека овие технологии треба да се користат токму со цел зближување едни со други, промовирајќи разбирање и солидарност, а не опасно изолирање во фиктивна и неопиплива реалност“, предупреди папата Фрањо во својот говор пред претставниците на власта, граѓанското општество и дипломатскиот кор во Сингапур. (…)

Католичката црква во Сингапур, продолжи Папата, од почетокот на своето присуство се труди да даде свој единствен придонес на патот на овој народ, особено во образовниот и здравствениот сектор, користејќи се со духот на пожртвуваност и посветеност на мисионерите и верниците. Секогаш вдахновена од Евангелието на Исус Христос, католичката заедница предничи и во добротворните дела, значително придонесувајќи во хуманитарните напори и раководејќи со таа цел неколку здравствени установи и многу хуманитарни организации, вклучувајќи го и на сите нас добро познатиот Каритас.

Оваа моја посета доаѓа по четириесет и три години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Светиот Престол и Сингапур. Таа посета има за цел да ги утврди католиците во верата и да ги охрабри да продолжат да соработуваат со радост и посветеност со сите мажи и жени со добра волја за да изградат здраво и кохезивно граѓанско општество, за општото добро и за кристално јасно сведочење на нивната вера, рече Папата во својот говор.

Сингапур, исто така, има посебна улога во меѓународниот поредок – да не го заборавиме тоа – на кој денес му се закануваат конфликти и крвави војни и мило ми е што заслужено го промовираше мултилатерализам и поредок заснован на заеднички прифатени правила. Ве поттикнувам да продолжите да работите за единството и братството на човештвото, за благосостојба на општото добро на сите, на сите луѓе и на сите народи, со разбирање на националните интереси кои нема да бидат ексклузивни и тесногради.

Папата ја спомена и улогата на семејството како „прво место каде што секој учи да воспоставува однос со другите, да биде сакан и да ги сака другите“. Во сегашните општествени услови, темелите на кои се заснова семејството се доведени во прашање и се закануваат да ослабат. Тие мора да бидат ставени во позиција да ги пренесуваат вредностите кои му даваат смисла и облик на животот и да ги научат младите да создаваат силни и здрави односи“, рече Папата, велејќи дека се за пофалба, напорите кои се вложуваат за промовирање, заштита и поддршка на семејното единство преку работата на различни институции.

Не можеме да го скриеме фактот дека денес поминуваме низ еколошка криза и не смееме да го потцениме влијанието што една мала земја како Сингапур може да го има во неа. Вашата единствена положба ви дава пристап до капитал, технологии и таленти – ресурси кои можат да поттикнат иновации во грижата за здравјето за нашиот заеднички дом.

Вашата посветеност за одржлив развој и заштитата на созданието е пример што треба да се следи, а барањето иновативни решенија за решавање на предизвиците со кои се соочуваме во заштитата на животната средина може да поттикне и други земји да го сторат истото. Сингапур е одличен пример за тоа што може да постигне човештвото работејќи заедно во хармонија, со чувство на одговорност и во духот на инклузивноста и братството. Ова е како резиме на вашиот став: да се работи заедно, во хармонија, со чувство на одговорност и во духот на братството и инклузивноста. Ве охрабрувам да продолжите по тој пат, верувајќи во Божјото ветување и неговата татковска љубов кон сите, рече Папата во својот говор пред претставниците на власта, граѓанското општество и дипломатскиот кор во Сингапур.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот