Папата размени Божиќни честитки со вработените во Ватикан

Близината на Божиќ е прекрасен повод за да се собереме и едни на други да си честитеме – рече Светиот Отец на вработените во Светиот Престол и Управата на градот Ватикан, со кои на 21 декември во текот на аудиенцијата размени божиќни и новогодишни честитки.

Пред сé, сакам да ви се заблагодарам за вашата работа, за заземањето за општо добро. Сакам посебно да се заблагодарам на оние кои веќе со години извршуваат иста работа, а кои често се незабележани. Ви заблагодарувам затоа што со задоволство ги извршувате секојдневните работи – истакна Светиот Отец додавјаќи:

Додека ви заблагодарувам, од вас сакам да побарам прошка за скандалите кои се случуваат во Ватикан. Ве охрабрувам овие денови да молиме за оние кои се вклучени во скандалите за да се преобратат и да го најдат вистинскиот пат – кажа папа Фрањо.

Сакам уште нешто да ви кажам, а што можеби е најважно: грижете се за својот брак и своите деца. Бракот е како некоја билка, не е како некој ормар, кој се поставува на некое место во собата и секој да ја брише прашината. Билката е жива, секој ден е потребно да се негува: животот на брачните парови никогаш не треба да се зема здраво за готово. Да се потсетуваме дека материјалните работи не се најдрагоцен дар на децата, туку родителската љубов. Не мислам само на родителската љубов кон децата, туку и на взаемна љубов на родителите, односно на брачниот однос. Бракот ви делува добро и на вас и на вашите деца – заклучи Светиот Отец.

Значи, пред сé треба да ја негувате „билката“ на бракот, вие кои сте сопружници и исто така, да ги неговите односите со вашите деца, водејќи сметка повеќе за човечките односи отколку за работите. Да го негуваме милосрдието во секојдневните односи , помеѓу сопругата и сопругот, помеѓу родителите и децата, помеѓу браќата и сестрите, а да се грижиме и за бабите и дедовците – истакна Светиот Отец.

И во домашната црква треба да го живееме Јубилејот, а не само во текот на големите прослави. Господ ги љуби оние кои милосрдието го живеат во нормални околности. Ви посакувам да ја пробате радоста на милосрдието, почнувајќи од своето семејство – заврши Светиот Отец и ги замоли присутните да ги поздрават и да им честитаат на своите драги, стари и болни луѓе и да не заборават да молат за него.

РВ/к.мк/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот