Папата: Семејството не е надминат модел

Повеќе би сакал рането семејство кое секој ден се обидува да негува љубов, отколку општество кое е болно заради затвореноста и стравот од љубовта – рече Папата на големата средба со мексиканските семејства на стадионот Тукштла Гутиерез.

Повеќе од 50 илјади луѓе на 15 февруари го пречекаат папата Фрањо на стадионот Тукштла Гутиерез во мексиканската држава Чијапас каде што беше организирана средба на Светиот Отец со семејствата. Четири сведоштва претходеа на неговиот говор во кој ја истакна убавината на семејството. Во него – рече – се надминува изолираноста и се стекнува потребната храброст за напредување во животот. Осаменоста ја нагризува душата, а законите кои го заштитуваат семејството и добрите залагање се „добра комбинација за запирање на спиралата на несигурноста.“

Првиот човек кој сведочеше беше Мануел момче во инвалидска количка заради мускулна дистрофија. Зборуваше за својата болка која му открива нови можности, така денес на другите деца кои се осамени или се чувствуваат изгубени често им зборува за Евангелието. Потоа следуваше еден пар кој славеше 50 години од Венчавката, сведочејќи дека е можна верна љубов. После нив за своето искуство зборуваше една разведена жена која – преку средбата со црквата – се посветила на служење на сиромашните, а на крајот сведочеше една самохрана мајка која повеќе пати ја искушувала идејата за абортус заради осаменоста, но која имала сила да го избере животот.

Сите ние – рече во својот говор папата Фрањо – сме доживеале во разни моменти и облици дека Бог ни дарувал храброст во нашите животи. А тоа е направено затоа што Неговото Име е Љубов, затоа што Името му е бесплатен дар, посветеност, затоа што неговото Име е милосрдие.

Осврнувајќи се на приказната на самохраната мајка рече дека несигурноста и осаменоста се опасни, ја загрозуваат утобата, но можат да ја нагризат и душата. На повеќе нивоа треба да се бориме против несигурноста и изолираноста кои нè прават ранливи на „многу привидни решенија“. Едно ниво е по пат на закон кој го штити и гарантира неопходниот минимум за секое семејство и секој човек да може да расте преку учење и достоинствената работа.

Друго ниво е по пат на служење на другите. Законите и личното залагање се добра комбинација за да се спречи спиралата на несигурноста. Потоа Папата ја осуди маргинализацијата на семејството во општеството: Денес гледаме – рече Папата – дека семејството се ослабува и се става во прашање, се верува дека тоа е надминат модел за кој нема место во нашите општества при што под маската на модерноста сѐ повеќе се дава предност на системот заснован на моделот на изолираност.

Сигурно – рече папата Фрањо – да се живее во семејство не е секогаш лесно, често е болно и заморно, а живеењето заедно предизвикува брчки и лузни. Меѓутоа – нагласи Светиот Отец – повеќе би сакал рането семејство кое секој ден се обидува да негува љубов, отколку општество кое е болно заради затвореноста и стравот од љубовта. Повеќе би сакал семејство кое повторно и повторно се обидува одново да започне, отколку нарцисоидно општество, опседнато со луксузот и задоволствата. Повеќе би сакал семејство со лица уморни од жртви, отколку скаменети лица кои не знаат за благост и сочувство.

Папата на крајот од својот говор ги потсети мексиканските семејства дека имаат дополнителен предводник: Мајка Богородица од Гвадалупе која ја посетила нивната земја. Тоа ни дава – речепапата Фрањо – гаранција преку нејзиното застапништво несигурноста и осаменоста нема да го надвладеат сонот и звањето на семејството. Марија е секогаш подготвена да ги заштитува нашите семејства – порача Светиот Отец.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот