Папата: Во исповедалницата ја сфатив драмата на абортусот

Папата: Во исповедалницата ја сфатив драмата на абортусот

Разговарајќи со новинарите на враќање од Панама, папата Фрањо освен на абортусот се осврна и на состојбата во Венецуела за која бара да се пронајде мирно решение. Зборуваше и за состанокот за заштита на малолетниците, миграциската политика итн.

Враќајќи се од Панама папата Фрањо во авионот одржа конференција за новинарите на која одговарајќи на нивните прашања се осврна на голем број теми меѓу кои и за сексуалното воспитание, свештеничкиот целибат, на фактот дека многу млади ја напуштаат Црквата, потоа на абортусот и на прашањата за сексуалната злоупотреба, на кризата во Венецуела и на прашањето за мигрантите. Разговорот со новинарите траеше 50 минути и таа беше првата конференција за печат која ја водеше новиот директор ad interim на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Алесандро Гисоти.

За целосното сфаќање на драмата на абортусот треба да се биде во исповедалницата и да им се помогне на жените да се помират со нероденото дете. За извршување на папската служба треба да се „слушне“ народот, да дозволиме да нè рануваат средбите и луѓето кои нè погодуваат со својот живот и со своите драми, носејќи сè пред Господ за да ги утврди во верата. Што се однесува до средбата со претставниците на Епископските конференции за заштитата на малолетниците, која ќе се одржи во февруари, Папата рече дека е важно сите да станат свесни дека станува збор за момче или девојче кои се жртви на злоупотреба, за да можат да застанат на страната на оние кои го претрпеле тоа страшно насилство. Од тој аспект изрази и загриженост за Венецуела која ја поттикнува да бара мирно решение и избегнување на кривопролевање.

На прашањето на еден новинар за големиот број на малолетнички бремености, проблем раширен во цела Средна Америка, папата Фрањо ја истакна потребата за сексуално воспитание во училиштата, кое мора да биде објективно без идеолошка колонизација. Бог на човекот му го дал дарот на љубовта, а ако некој го искористува за да заработи пари или за да го искористи другиот тоа станува проблем – рече Папата.

Причините за заминувањето од Црквата на голем број млади папата Фрањо освен во лични причини, ги гледа и во недостатокот на сведочењето на христијаните, свештениците, епископите. Тоа се случува ако некој пастир својата служба ја врши како претприемач или организатор на пасторален план, ако не е блиску до народот и не дава сведоштво на пастир. Пастирот треба да биде со народот. Треба да оди пред народот и да му го покажува патот. Треба да биде во народот за да го почувствува мирисот на луѓето и да сфати што чувствуваат, што им е потребно. Но ако пастирот не живее со ентузијазам, луѓето се чувствуваат напуштени или чувствуваат одреден презир.

На прашањето постои ли можноста да дозволи мажи во брак да станат свештеници во Католичката Црква од латински обред, Папата рече дека лично мисли дека целибатот е дар за Црквата и затоа не се согласува тој да биде опционален. Пастирот треба да мисли на верниците – истакна Папата.

Што се однесува до миграциската политика папата Фрањо истакна дека е важно да се има срце отворено за примање. Треба да се придружува, да се помогне за да се расте и интегрира – рече но истовремено додаде дека тие кои владеат треба да бидат внимателни, затоа што препазливоста е доблест на оние кои владеат. Притоа го даде примерот на Шведска која минатата година предупредила дека не успева да ги заврши процесите на интеграција.

Освен тоа Светиот Отец истакна дека е важен начинот на кој се решава проблемот со миграцијата и рече дека е важно да им се помогне на земјите од кои мигрантите доаѓаат. Ако доаѓаат заради глад или војна, треба да се инвестира таму каде владее гладот. Европа тоа го може, а тоа е еден од начините на тие земји да им се помогне да растат – истакна папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот