Патријархот Вартоломеј I.: Секој чин на војна е војна против секое создание

Патријархот Вартоломеј I.: Секој чин на војна е војна против секое создание

Вселенскиот цариградски патријарх Вартоломеј I ја истакна блиската поврзаност помеѓу еколошката штета и непочитувањето на човековите права и укажа на страшната еколошка девастација предизвикана од руската инвазија на Украина.

Вселенскиот цариградски патријарх Вартоломеј I упати порака по повод почетокот на православната црковна година и одбележување на Светскиот ден на молитва за грижа за созданието, во која истакна дека секој чин на војна е и војна против секое создание, бидејќи претставува сериозна закана за природната средина.

Страшно уништување на животната средина во Украина

Пораката конкретно се однесува на руската инвазија на Украина, која е поврзана со страшно уништување на животната средина.

Загадување на воздухот, водата и земјиштето со бомбардирање, закана од нуклеарна катастрофа, ослободување на штетно зрачење од нуклеарните централи, канцерогената прашина на ракетираните згради, уништување на шумите и земјоделското земјиште – сето тоа сведочи дека Украинскиот народ и еколошкиот систем претрпеа огромни штети и се изложени и понатаму на тоа, нагласи патријархот Вартоломеј во својата порака и повика на итен прекин на војната во Украина и почеток на искрен дијалог.

Еколошките права загрозени од климатските промени

Патријархот истакна дека концептот на човекови права се прошири и на еколошките права и истакна дека во борбата за почитување на човековите права, не може да се занемари фактот дека се загрозени и со климатските промени, недостатокот на вода за пиење, плодната почва и чист воздух, но и воопшто со деградацијата на животната средина.

Уништувањето на природната средина пред се ги погодува сиромашните

Изразувајќи го своето задоволство од еколошките иницијативи што ги презема патријархатот во изминатите децении, тој истакна дека уништувањето на природната средина пред се ги погодува сиромашните ширум светот.

Поврзувањето на еколошките и социјалните активности дава надеж за иднината, бидејќи одржливиот развој и напредок можат да се случат само ако истовремено се залагаме за интегритетот на созданието и заштитата на човековото достоинство и права, нагласува патријархот Вартоломеј.

Пораката ја завршува, истакнувајќи дека сите напори што Црквата ги вложува во подигање на свеста за заштита на животната средина не се дополнителна активност, туку суштински израз и достигнување како продолжение на Светата Евхаристија.

Заштитата на животната средина е составен дел од посланието на Црквата

Тој потсети и на скапоценото наследство на пионерот на еколошката теологија, покојниот митрополит Пергамонски Иван Зизиулас, кој пишуваше за Светата Евхаристија како целосен одговор на актуелната еколошка криза.

Католиците ширум светот на 1 септември го слават Светскиот ден на молитва за грижа за созданието, кој го востанови папата Фрањо во 2015 година за да го одбележи почетокот на едномесечното христијанско време на созданието, кое трае до 4 октомври, празникот на Свети Фрањо од Асизи.

Се очекува Папата тогаш да го објави вториот дел од енцикликата Laudato si’ за Грижата за нашиот заеднички дом, како што објави минатата среда на Генералната аудиенција.

Европските цркви повикуваат на молитва

Темата на овогодинешниот ден е „Нека тече правда и мир“, црпејќи вдахновение од симболот на водата, суштински елемент за животот кој сè уште не е достапен за секого. Апелот беше упатен во заедничка изјава на претседателот на Советот на европските бискупски конференции, надбискупот Гинтарас Грушас и претседателот на Конференцијата на европските цркви, архепископот Тијатеир Никитас.

Двајца европски верски водачи ги повикуваат христијаните да се обединат во молитва и дејствување за да може правдата и мирот да течат за браќата и сестрите кои немаат пристап до вода за пиење, или поради суша, поплави предизвикани од природни или човечки активности или поради војни кои се одвиваат во многу делови во светот, а кои ги загрозуваат основните човечки потреби на невините цивили.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот