Папата: Сакам Црква во Италија верна на Светиот Дух
Сонувам за италијанска црква блиска до народот која не копнее за власт и која храбро се препушта на водството на Светиот Дух – рече Светиот Отец говорејќи на учесниците на италијанскиот црковен собир во катедралата Света Марија во Фиренца.
По поздравниот говор на кардинал Бањаско преседателот на Италијанската епископска конференција и сведоштвата на некои луѓе, гледајќи ја фреската на Последниот суд, Светиот Отец рече дека Бог го испратил својот Син да го спаси, а не да го осуди светот. Веднаш предупреди дека сме повикани да се лишиме како Господ на крстот ако сакаме исправно да го сфатиме христијанскиот хуманизам. Инаку нашите зборови ќе бидат убави, учени, рафинирани, но без вера; ќе бидат празни – рече Светиот Отец.
Продолжувајќи со говорот рече дека Црквата треба да ги користи трите димензии на вистинскиот хуманизам: понизноста, несебичноста и блаженството. Понизноста треба да нè чува од „опседнатоста со сопствената слава, горделивоста и влијанието“. Несебичноста „бидејќи ако срцето ни е богато и задоволно тогаш во него нема место за Бог.“ Избегнуваме затворање во структурите, бидејќи ни гарантираат лажна сигурност: ропство на нормите бидејќи нè претвораат во немилосрдни судии: да ги избегнуваме обичаите во кои чувствуваме лажен мир.“ Должни сме да работиме и да се бориме за подобар свет. Нашата вера е револуционерна затоа што поттикот доаѓа од Светиот Дух, рече Папата додавајќи:
Мораме да го следиме поттикот на Светиот Дух за да излеземе од себе, за да биме луѓе според Исусовото Евангелие. Христијанинот е блажен ако „во себе ја има евангелската радост“. Блаженството на светоста секогаш е поврзано со понизноста и сиромаштвото – рече Светиот Отец, додавајќи дека во понизниот народ има многу блаженства на светост: во солидарноста, во пожртвуваноста, во работата, макар „понекогаш напорна и слабо платена.“ Понизноста, несебичноста и блаженствотво имаат што да кажат на Црквата во Италија која денес е собрана во знакот на заедништвото за да оди напред – потсети Папата.
Тие карактеристики нè опоменуваат дека власта не смее да не привлекува, дури и тогаш кога изгледа дека може да ја разубави социјалната слика на Црквата. Ако Црквата не ги прифаќа Исусовите чувства, тогаш скита и нема смисла. Ако пак ги прифати, тогаш е на висината на своето послание. Исусовите чувства ни кажуваат дека Црквата е жалосна ако мисли на себе и на своите интереси – истакна Папата и предупреди на двете искушенија кои пречат во напредокот на обновата.
Првото е пелагијанизмот затоа што е под маската на доброто. Црквата ја поттикнува да се довери на организацијата, на совршено апстрактното планирање. Луѓето под влијание на тоа искушение често се однесуваат надзорнички, сурово и легалистички. Законот ги овластува да се чувствуваат супериорни и самоуверени. Во законот наоѓаат сила, а не во поттикот на Светиот Дух. Бесмислено е во конзерватизмот и фундаментализмот да се бараат решенија за црковните проблеми, како и во обновувањето на некои обичаи кои повеќе не значат ништо – истакна Папата.
Христијанската наука не е затворен систем – продолжи Папата – во кој не би имало место за размислувања, сомнежи и прашања. Напротив, тој е жив, вознемирува и вдахнува. Има еластично лице, неговото тело се движи и развива, неговото ткиво е меко: името му е Исус Христос. Затоа црковната реформа не е во промената на структурата, туку во вкоренувањето во Христос. Во Италија Црквата треба да се препушти на водството на Христовиот Дух и да биде слободна и отворена за предизвиците на сегашноста; не треба да се затвора во себе, плашејќи се дека може нешто да изгуби – поттикна Папата додавајќи дека гностицизмот е второто искушение кое треба да се победи; доверувањето на разумот го занемарува допирот со телото на братот. Молитвата и близината со народот е главниот клуч за народен, понизен, великодушен и христијански хуманизам. Ако губиме допир со верниот народ Божји, тогаш губиме во човечноста и не стигнуваме никаде – истакна папата Фрањо.
Обраќајќи се на црковните пастири Папата истакна дека „народот и пастирите“ се повикани заедно да одлучат што да направат за да го остварат новиот хуманизам. Епископите ги молам да бидат пастири и ништо повеќе: Нека тоа биде вашата радост. Народот, вашето стадо ќе ве поддржува. Како пастири навестувајте го Христос, умрен и воскреснат за нас, а не сложената наука. Цитирајќи го свети Иван Павле II Папата го молеше Бог Црквата во Италија да ја чува од секаква алчност за власт, световна слава и пари. Евангелското сиромаштво е ефикасно, гостољубиво и богато со надеж – истакна Папата и епископите ги поттикна на дијалог со сите.
Водење на дијалог не е тргување. Да тргуваш значи да тежнееш за сопствена придобивка. Не мислам на тоа, туку на заземање за општото добро на сите. Заедно да се расправа, размислува за најдобрите решенија за сите. Често се расправата се претвора во конфликт. Во дијалогот може да дојде до конфликт што е логично и предвидливо, но треба да се прифати, а не да се занемари и од него да се бега – предупреди Светиот Отец.
Обраќајќи се на младите и нив ги поттикна на дијалог. Од дијалогот не треба да се плашиме. Напротив, соочувањето и критиката ни помагаат да ја чуваме теологијата од идеологизирањето. Не заборавајте дека говорот и расправата не се најдобриот начин за водењето на дијалог, туку заедничкото делување, заедничкото градење, заедничкото планирање: никогаш сами католици секогаш заедно со сите луѓе со добра волја – рече Папата додавајќи:
Ве поттикнувам да градите подобра Италија. Не набљудувајте од балконот на животот, туку заземете се и вклучете се во широкиот општествен и политички дијалог. Нека рацете на вашата вера се воздигнат до небото, градејќи град на односите кои се засновани на Божјата љубов и ќе бидете слободни за соочување со предизвиците на денешницата, со промени и преобразувања – истакна Светиот Отец.
Зборувајќи пак за денешното време рече дека често се наоѓаме пред нови и тешко сфатливи предизвици. И во Италија Црквата е повикана да не „подига ѕидови и граници, туку да гради плоштади и теренски болници“. Ми се допаѓа немирна Црква која секогаш е со напуштените, заборавените, несовршените. Сакам весела Црква со лице на мајка која разбира и следи и милува. Сонувајте и вие таква Црква, верувајте ѝ и обновувајте ја во слободата.
Завршувајќи го говорот Папата ги повика бискупиите да покренат заедничко проучување на апостолското писмо „Радоста на Евангелието“. Верувајте на генот на италјанското христијанство кој не е наследство, ниту поединец, ниту избраните, туку заедниците односно народот на оваа прекрасна земја – заврши Светиот Отец.
РВ/к.мк/Д.И.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк