Папата Фрањо испрати порака до Светскиот хуманитарен самит

Папата Фрањо испрати порака до Светскиот хуманитарен самит кој се одржа од 23 до 24 мај во Истанбул. Самитот го свика генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-Мун.

Во својата порака Папата изрази надеж дека настојувањата на учесниците ќе „придонесат на реален начин да се олеснат страдањата на милиони луѓе“ на кои им е потребна „заштита, грижа и помош“ и „кои бараат достоинствена иднина.“

Се надева дека плодовите од тој самит ќе се покажат во „искрена солидарност, вистинското и длабоко почитување на правата и достоинството на оние кои страдаат заради конфликт, насилство, прогон и природни катастрофи. Во тој контекст – рече Папата – „жртви се оние кои се најранливи, оние кои живеат во услови на беда и експлоатација.“

Не можеме да негираме дека многу интереси денес пречат за решавање на конфликтите и дека воените, економските и геополитичките стратегии предизвикуваат присилна миграција на луѓето и народите и го „наметнуваат богот на парите, богот на моќта.“ Истовремено „хуманитарните настојувања често се условуваат со комерцијални и идеолошки принуди“ – предупреди Светиот Отец.

Заради тоа денес е потребно да се обнови посветеноста да се заштитува секој човек, неговото достоинство и правата, безбедноста и потребите. Истовремено е потребно да се сочува слободата, социјалниот и културниот идентитет на народите не давајќи повод за изолирање, туку за соработка, дијалог и мир – рече папата Фрањо.

Покрај тоа истакна две барања: „никој да не оставиш зад себе“ и „дади го најдоброто од себе“. Тоа нè поттикнува да не се откажеме и да преземеме одговорност за своите одлуки. А тоа треба да го правиме како на личен така и на заеднички начин координирајќи ги силите и иницијативите, почитувајќи ги различните способности и експертизи, „не дискриминирајќи, туку искажувајќи добредојде.“ Со други зборови – објасни Папата – „не смее да има семејство без дом, бегалци без прифаќање, луѓе без достоинство, ранет човек без грижа, дете без детство, момче или девојка без иднина, стар човек без достоинствена старост.“

Светиот Отец посака хуманитарниот самит во Турција да биде исто така можност за да се признае работата на оние кои му служат на ближниот и ги утешуваат жртвите на војните и несреќите како и да се препознае придонесот на луѓето кои се грижат за општеството посебно по пат на „храбри избори кои даваат предност на мирот, почитта, лекувањето и простувањето. Тоа е начинот на кој се спасуваат човечките животи“ – истакна напоменувајќи дека „никој не го љуби концептот, никој не ја сака идејата; туку сите ги сакаат луѓето. Пожртвуваноста и вистинското себедарување произлегува од љубовта кон луѓето,“ „лицата и имињата кои ги исполнуваат нашите срца.“

„Денес на овој самит му нудам предизвик: Да го слушнеме крикот на жртвите и на оние кои страдаат. Да им дозволиме да нè поучат во понизноста. Да ги промениме своите начини на живот, политиките, економските избори, однесувањата, ставовите на културните супериорности. Учејќи од жртвите и од оние кои страдаат ќе можеме да изградиме похуман свет“ – порачува на крајот од пораката папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот