Папата: Работата е темелен аспект на човечкото постоење

Папата: Работата е темелен аспект на човечкото постоење

Папата Фрањо во својата твитер порака која ја објави на 1 мај 2018 година, повика во текот на целиот месец да се моли Бројаница за мир во Сирија и во целиот свет.

Додека денес во светилиштето Пресвета Богородица од божествената љубов ќе ја молиме Бројаницата, на посебен начин ќе се молиме за мир во Сирија и во целиот свет. Ве повикувам да молете Бројаница за мир во текот на целиот месец мај – истакна папата Фрањо во својата порака која ја објави на својот профил на Твитер, на 1 мај 2018 година. Имено, Светиот Отец на 1 мај 2018 година попладне во спомнатото римско светилиште ја предводеше молитвата Бројаница по повод почетокот на месецот на Пресвета Богородица, мај.

На први мај во целата Црква се одбележува споменот на свети Јосиф Работник, а по тој повод, Папата на своите следбеници на Твитер им порача: Да го славиме свети Јосиф никогаш не заборавајќи дека работата е темелниот аспект на човечкото постоење. Пред точно пет години, папата Фрањо за време на Генералната аудиенција објасни дека работата е од темелна важност за достоинството на човекот.

Во Книгата Битие, се опишува како Бог ги создава машко и женско доверувајќи им задача да ја наполнат земјата и да господарат со неа, што не значи да ја искористуваат, туку да ја обработуваат и чуваат, грижејќи се за неа со својата работа – рече Светиот Отец во таа прилика и продолжи: Работата е составен дел од Божјиот план на љубовта: повикани сме да ги негуваме и чуваме сите создадени добра, на тој начин учествуваме во делото на создавањето. Работата е од темелна важност за достоинството на некоја личност. Работата, да се послужиме со една слика нѐ „помазува со елејот“ на достоинство, нѐ исполнува со достоинство, нѐ прави слични на Бог, кој работел и работи, работата секогаш овозможува да се издржуваме самите себе и своето семејство, да дадеме придонес за развојот на сопствениот народ – рече Папата.

Во јануари 2016 година, папата Фрањо во аудиенција прими илјадници членови на Христијанското работничко движење и во таа прилика им рече: Работата е еден од најстарите човечки повици, но достоинствто кое го гарантира работата денес често е загрозено од невработеноста и незаконитоста. Заради тоа треба да се воспитува за нов хуманизам на работата кој ќе овозможи надеж, најпрво на најмладите – рече Светиот Отец.

Чесна, солидарна и достапна до сите луѓе таква би требало да биде работата која често тоа не е, најмногу таму каде своите раце ги шири „октоподот“ корупција и незкаонитост – рече папата Фрањо и продолжи: Напротив, работата е таква тогаш кога повикот на работа се сфаќа во согласност со Божјиот план изразен веќе во Книгата Битие: човекот е создаден за да негува и да го чува заедничкиот дом.

За да останеме верни на повикот за работа потребно е пред сѐ воспитување – истакна Папата. Потребно е да се воспитува за нов „хуманизам на работата“, во кој центарот е човекот, а не профитот; во кој економијата му служи на човекот и не се служи со човекот. Имено, живееме во време на искористување на работниците; во време во кое работата не е во служба на достоинството на личноста, туку тоа е ропска работа – рече меѓу останатото папата Фрањо.

Празникот на свети Јосиф Работник е воведен во 1955 година од папата Пио XII одредувајќи дека се слави на 1 мај, на денот „кој светот на работата го избира за свој празник.“ Во 1889 година т.н. Втора интернационала одлучила 1 мај да се слави како светски празник на трудот. Истата година папата Леон XIII издава своја енциклика за свети Јосиф насловена „Quamquam pluries“ во која „работниците и сите луѓе со скромни животни прилики ги упатува на свети Јосиф како модел и пример за наследување.“

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот