Папата одржа „виртуелна аудиенција“ во пресрет на посетата во САД

На 31 август, папата Фрањо одржа „виртуелна аудиенција“ во повеќе градови во САД, во пресрет на своето апостолско патување во оваа земја од 22 до 27 септември 2015 година. Во текот на аудиенцијата, учесниците можеа да ги искажат своите сведоштва и да постават прашања на Папата. Аудиенцијата се пренесуваше од Ватикан, а Папата се обрати на англиски и шпански јазик, меѓу другите и на студентите од едно Исусовско средно училиште во Чикаго, верници од Тексас, во близина на мексиканската граница, а исто така и на бездомниците и луѓето кои им помагаат во Лос Анџелес. Аудиенцијата ја организираше ABC News, а водител беше новинарот Дејвид Мур.

Аудиенцијата ќе биде емитувана во посебна емисија на американската телевизија, но ќе биде и целосно објавена на интернет страницата ABCNews.com. Светиот Отец за време на посетата на САД ќе го канонизира блажениот Џуниперо Сера во Вашингтон, ќе учествува на состанокот на Организацијата на Обединетите Нации во Њу Јорк, како и на Светската средба на семејства во Филаделфија.

Многу ми е важно да се сретнам со сите вас, граѓаните на САД, кои имате своја историја, култура, вредности, свои радости, таги и проблеми, како и сите други. Ова патување ми е важно за да ви се приближам на вашиот пат, во вашата историја – рече, меѓу другото, папа Фрањо.

РВ/к.мк/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот