Папата: Не престанувам да се молам за единство
„Никогаш не престанувам да се молам на Бог, за да можеме еден ден да учествуваме заедно на евхаристиската трпеза“. Ова го истакна папата Фрањо во говорот, пред делегацијата на Вселенската Патријаршија од Константинопол, која по традиција доаѓа во Рим за празникот на светите апостоли Петар и Павле.
Делегацијата, испратена од Неговата Светост Вартоломеј I, беше предводена од Пергамскиот митрополит, Јован Зизиулас, придружуван од митрополитот на Силиврија, Максим и од преподобниот отец Хеики Хутунен од Финската Православна Црква.
Папата Фрањо ја истакна пред сè длабоката врска која ги поврзува црквите – сестри на Рим и Константинопол, потсетувајќи на посетата на патријархот Вартоломеј I за празникот на Свети Андреј, остварена минатиот ноември. Папата истакна дека „мирната прегратка“ разменета со Вартоломеј I, беше елоквентен знак на братска љубов, која нè воодушевува на патот кон помирувањето и која ќе ни овозможи еден ден да учествуваме заедно на евхаристиската трпеза“:
„Постигнувањето на оваа цел кон која сме се упатиле со доверба, е една од моите главни грижи за која не престанувам да се молам на Бог. Затоа посакувам да се зголемат поводите за средби, размена и соработка меѓу верниците католици и православни и на таков начин да се продлабочува заемното запознавање и почитување, да можат да се надминат сите предрасуди и недоразбирања, наследство од долготрајната поделба и со помош на вистината и братскиот дух, да се соочат со предизвиците кои се уште постојат“.
Папата ја охрабри и работата на Мешаната меѓународна комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката и Православната црква: „Проблемите кои можат да настанат за време на теолошкиот дијалог, не треба да обесхрабрат… Внимателното проучување на значењето во животот на Црквата на синодалниот принцип и на примерот на оној кој служи, ќе биде значаен придонес за развојот на односите меѓу нашите Цркви“.
РВ/В.Н.