Лицемерно е да се зборува за мир додека се произведува и продава оружје – рече папата Фрањо вчера во катетеза посветена на Апостолското патување во Тајланд и Јапонија. Папата уште еднаш остро го осуди нуклеарното наоружување. Во центарот на неговото размислување беше губењето на смислата на живот што првенствено ги погодува младите и борбата против експлоатацијата на жените и децата.
Животот не е загрозен само со атомско оружје. Денес, губењето на смислата во животот во најразвиените земји е сериозна закана – рече папата Фрањо вчера (27.11.2019) во катехезата за време на општата аудиенција на плоштадот „Свети Петар“, откако се врати од Апостолското патување од Тајланд и Јапонија. За да се заштити животот, тој мора да се сака – рече Папата. Младите се првите жртви на бесмисленоста во животот, поради што една средба во Токио им беше посветена на нив. Ги слушав нивните прашања и соништа; ги охрабрив да се спротивстават на сите форми на насилство, заедно да го надминат стравот и затвореноста, отворајќи се кон Божјата љубов, во молитва и служењето на својот ближен.
Имено, „Да се заштити секој живот“ беше мотото на неговата посета на Јапонија. Се работи за земја која ги носи раните на атомско бомбардирање и е портпарол на целиот свет за основно право на живот и мир – рече Светиот Отец, потсетувајќи на посетите во Хирошима и Нагасаки како и на средба со преживеаните и роднините на жртвите. Уште еднаш, тој остро го осуди нуклеарното наоружување и лицемерниот говор за мир при производство и продажба на оружје. Тоа е земја која, после таа трагедија и по неодамнешната тројна несреќа во Фукушима во 2011 година, погодена од земјотресот, цунамито и нуклеарната експлозија, покажа извонредна способност да се бори за живот.
Првата средба во земјата на изгрејсонцето беше со епископите на таа црква, која е многу мала, но е носителка на евангелието на Исус. Покрај средбата со властите и дипломатскиот кор, папата Фрањо се сретна со царот Нарухито во Токио. На хоризонтот на таа култура на средба која му е драга, тој посака Јапонија, останувајќи верна на своите религиозни и морални вредности, и отворена за евангелската порака, да биде земја двигател за поправеден и помирен свет, како и хармонија меѓу човекот и околината.
Во Тајланд, старото модернизирано кралство, Папата најпрво се сретна со кралот, премиерот и претставниците на власта и му оддаде почит на богатата духовна и културна традиција – како што го нарече – на Тајландскиот „народот на насмевки“. Во катетезата освен тоа, тој посебно ја истакна важноста на екуменската и меѓурелигиската средба на најголемиот универзитет во таа земја.
Го охрабрив завземањето за хармонија меѓу различните компоненти на таа земја, како и економскиот развој за да може да биде од корист за сите и да се излечи раната на експлоатацијата, особено на жените и децата – рече Папата и додаде: Будистичката религија е составен дел од историјата и животот на овој народ, затоа го посетив врховниот будистички патријарх, продолжувајќи го патот на взаемно почитување што го започнаа моите претходници, со цел да пораснат сочувството и братството во светот.
Светиот Отец се сети и на посета на болницата „Сент Луис“ во Бангкок, моментите што тој ги посвети на свештениците, епископите, на Богопосветените лица и на Исусовците, и на Светата Литургија што ја славеше во тој град со целиот Божји народ, а потоа и на младите во катедралата каде можеше да се доживее дека во новото семејство кое Исус го обликуваше се наоѓа и гласот на тајландскиот народ. Папата на крајот изрази голема благодарност до тајландскиот и јапонскиот народ и заклучи: Нека Бог ги благослови со изобилство на напредок и мир!
Ватикан њуз/к.мк