По повод Денот на Каритас бискупот Стојанов служеше света Литургија

По повод Денот на Каритас бискупот Стојанов служеше света Литургија

По повод денот на Македонски Каритас, во понеделник 5 декември 2022 година, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов во капелата во зградата на Македонски Каритас во Скопје служеше света Литургија, на која сослужуваа директорот на Каритас о. д-р Зоран И. Стојанов, о. Ванчо Назов, и о. Илија Стојанов. На светата Литургија присуствуваа вработени и волонтери на фондацијата Македонски Каритас.

На почетокот од својата проповед бискупот Стојанов го поздрави присутните при што истакна дека суштината на животот и верата е љубовта како што вели свети Иван: „Бог е љубов“ (1 Иван 4,8 и 16) при што образложи дека Бог кој е љубов ја покажа својата љубов на човекот, овоплотувајќи се и раѓајќи се како еден од нас. Понатаму епископот Стојанов рече: „На тоа сите ние се радуваме! Зошто инаку би се радувале на Божик? Се радуваме затоа што го доживуваме Бога кој се дарувал од љубов кон човекот, кон нас. Меѓутоа, неопходно е да се прифати Божјата љубов. Тој нè научи на двете најголеми заповеди (сп. Матеј 22,38-39). Добро знаеме дека љубовта кон Бога одговара на љубовта кон човекот. Како може некој да го сака Бога а да го мрази човекот, или како може некој да го сака човекот без да го сака и својот Творец? Сето ова многу добро го знаеме, но нашиот проблем е што нашето знаење понекогаш тешко доаѓа до срцето. (…) Го разбираме ова иако можеби не го живееме. Но, ние често погрешно ја толкуваме љубовта кон ближниот. Свети Павле, апостолот на народите, ќе рече: „Љубовта не му прави зло на ближниот“ (Римјаните 13,10). Честопати паѓаме на тој испит.“

Бискупот Стојанов истакна дека постојат три дарови за кои треба да му бидеме благодарни на Бога, а тоа се дарот на самоприфаќање, дарот на верата и дарот на соработката со Бога, образложувајќи ги овие дарови: „Првиот е дарот на самоприфаќање. Честопати не знаеме да се сакаме себеси; не знаеме да го прифатиме тој дар затоа што не го цениме Божјиот дар во нас и не му благодариме на Бога за дарот на животот. Вториот е дарот на верата. Да се биде верник го прави човекот посилен, постабилен, посмел, посмирен, посигурен. Третиот дар е соработката со Бога. Повикани сме да соработуваме со Бога, а како да соработуваме? Човекот често бега од Бога, но и од себе. „Се жалиме“ на оние од дрога, зависност, екстраваганција… Сето тоа им се случува на луѓето кои наместо да го бараат, бегаат од Бога затоа што не го препознаваат дарот Божји во себе. Како што вели достоинствено свети Иван: „(…) да бидеме наречени чеда Божји, а тоа сме“ (1 Иван 3,1). Ако сме чеда Божји, тогаш сме сакани чеда, ако сме сакани, тогаш мора да сакаме! Зошто не знаеме да го цениме овој Божји дар во нас?“

Истакнувајќи дека Каритас сака да ја разбуди верската свест во нас, рече дека верата мора да биде конкретна и ефективна, а конкретноста и делотворноста се изразуваат преку љубовта и додаде: „Квалитетите на љубовта се многу, а најубавиот е трпението. Како ќе бидам трпелив со друг, ако не сум со самиот себе? Колку пати сме нетрпеливи со самите себе. Ефективната љубов се учи преку трпение и тоа е најважната лекција во нејзиниот живот. Затоа, кој не научил да љуби, животот му е празен. Најважно во животот е да научиме да љубиме. Гледаме што ни треба за љубов: трпение, а јас би додал и жртва. Бог е роден да се жртвува себеси и да биде жртвуван. Денеска со гордост се сеќаваме ја очекуваме и ја почитуваме шталата-јасличките и размислуваме што претставува шталата: несоодветно сместување, скромност, туѓост, пожртвуваност.“

Спомнувајќи ја жртвата која е показател за љубовта монс. Стојанов рече: „Христос не се плаши од жртва, својата љубов ја манифестирал преку жртва. И затоа да научиме да љубиме! Да научиме да се жртвуваме! Да научиме да се даруваме! Онаму каде што нема жртва, нема ниту љубов, ниту дар. И уште нешто треба да се знае: составен дел на љубовта е почитувањето. Ако нема почит, нема љубов. Прво, човек треба да ја почитува светоста на Божјиот дар во себе, а потоа истата таа светост ќе ја препознае и кај другите. Ако ја немаме таа дарба во себе, тогаш не ја препознаваме ниту кај другиот. „Возљуби го својот ближен како себеси“ (Матеј 22,39) паралелно со тоа: „Доколку не сте го направиле тоа за еден од овие најмали браќа ниту за Мене не сте го направиле“ (Матеј 25,45). Повикани сме да го правиме, и тоа да го правиме со љубов и жртва, и што и да правиме, го правиме за Христа.“

За време на проповедта бискупот Стојанов по повод Денот на Каритас упати честитки до директорот на Македонски Каритас, соработниците и до сите членови, волонтери и донатори на Каритас, истовремено искажувајќи им искрена благодарност за нивната неизмерна љубов кон Бога и ближниот, како и за нивната за делотворната дејност и пожртвуваност

Проповедта Скопскиот бискуп ја заврши со зборовите: „Преку оваа света Литургија го молам Семоќниот Господ Бог да ве обдари со сета расположливост и почит кон најпотребните и најранливите категории луѓе, а сето тоа да биде поткрепено со мајчинската љубов на нашата Небесна Мајка Марија, молејќи ја да измоли благослов од нејзиниот Син и наш Спасител Исус Христос за сите Вас, кои несебично се жртвувате за Бога и ближниот.“

На крајот од литургиското славење директорот на Македонски Каритас, протојереј ставрофор о. д-р Зоран И. Стојанов упати благодарност до Н.В.П. монс. Киро Стојанов, како и до сите вработени, волонтери и донатори на Каритас.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот