Зад крутоста секогаш се наоѓа нешто сокриено, некоја двојност во животот. Крутите луѓе не се слободни, туку се робови на законот. Од друга страна Бог ни дарува слобода, благост, добрина – рече Светиот Отец за време на светата Литургија на 24 октомври 2016 година во домот Света Марта, во Ватикан.
Во денешното Евангелие Исус ја оздравува жената во сабота, предизвикувајќи така негодување на поглаварите на синагогата затоа што наводно така го прекршува законот Господов. Не е лесно – вели Папата – да се оди според законот Господов; тоа е милост која треба да се измоли. Исус ги укорува заради лицемерството – збор кој многу пати го повторува на оние кои се крути – на оние кои во исполнувањето на законот заземаат став на крутост; оние кои ја немаат слободата на синови, туку се робови на законот.
Законот – вели Светиот Отец – не е даден за да бидеме робови, туку да нѐ ослободи; да нѐ направи синови. Зад крутоста секогаш се наоѓа нешто друго! Заради тоа Исус гласно им вели: лицемери! – рече Папата. Зад крутоста на личноста секогаш има нешто скриено. Крутоста не е Божји дар. Благоста – да, добродушноста – да, прошката – да. Но крутоста – не! Зад крутоста секогаш се наоѓа нешто скриено во многу случаи двојност на животот; а се наоѓа можеби и нешто болно.
Колку крути луѓе трпат: кога се искрени и на тоа мислат, трпат! Не успеваат да ја имаат слободата на синови Божји; не знаат да чекорат во законот Господов и не се блажени. Колку трпат! Изгледаат добри затоа што го следат законот, но зад тоа постои нешто што не ги прави добри: или се лоши, лицемери или се болни. Страдаат! – рече Папата.
Папата Фарњо се присети на параболата за блудниот син, во која постариот син, кој секогаш се однесувал убаво, се налути на таткото заради тоа што го примил помладиот син кој бил загубен, но кој се враќа покаен. Ова однесување – објасни папата Фрањо – покажува дека за видливата добрина има уште нешто: горделивост и уверување дека сме праведни.
Во позадината на убавото однесување се наоѓа горделивоста. Помладиот син знаел дека има татко, па и во најрачниот момент од својот живот и му се враќа. Постариот син таткото го сфаќа како господар, но никогаш не го почувствувал како татко. Бил крут: и одел според законот Господов во крутоста. Другиот законот го оставил настрана; и доаѓа без законот или спротивно на законот, но во одреден момент помислува на татко му и се враќа. И му било простено. Не е лесно да се оди според законот Господов, а да не се падне во тврдоста и крутоста – рече папата Фрањо.
Да го молиме Господ, да го молиме за своите браќа и сестри кои веруваат дека одат според законот Господов значи да се биде крут. Нека Господ им даде да почувствуваат дека Тој е Отец и дека му е мило милосрдието, нежноста, добрината, благоста, понизноста… Нека сите нас нѐ научи според законот Господов да живееме со овие квалитети – ја заврши својата проповед Светиот Отец.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк