Папата до сестрите: Молете се за мир на Блискиот Исток
Молете се за мир меѓу народите и за прогонетите христијани – е поттикот на папата Фрањо упатен на групата кармеличанки и сестрите од Бројаницата кои дојдоа во Рим од Витлеем и од Блискиот Исток по повод вчерашната канонизација на Мирјам од Исус Распнатиот и Алфонсина Данил Гатас.
„Многу сум среќен заради ова ходочастие по повод канонизацијата на две нови светици. Претседателот на државата Палестина ми рече дека полетал од Јордан со авион кој бил полн со сестри! Кутриот пилот…“ се пошегува Папата.
Во текот на кратката средба со чесните сестри Светиот Отец како посебно послание им довери да ги „молат двете нови светици за мир“ на Блискиот Исток, за да се стави крај на „бескрајната војна“ во Светата Земја и за мир меѓу народите. Исто така ги поттикна да молат за прогонуваните христијани кои се „исфрлуваат од сопствената татковина, од сопствената земја.“ Истовремено го осуди „прогонот во бели ракавици“; односно „белиот тероризам“ и „тероризмот во белите ракавици.“ Тој е сокриен, но се спроведува – предупреди Папата, молејќи на крајот со сестрите Радува се Маријо.
Освен тоа Светиот Отец денес во Ватикан претседаваше на средбата со раководителите на ватиканските дикастерии, одржана по повод Вонредната света година на милосрдието. Потсетуваме, Јубилејот на милосрдието ќе започне на 8 декември 2015 година на празникот Безгрешно зачнување, а ќе заврши на 20 ноември 2016 година на неделата на Христос Цар.
РВ/Д.И.