Папата: Да гледаме со доверба и надеж во иднината

Папата: Да гледаме со доверба и надеж во иднината

Откако го запознавме Исус, не можеме а да не ја разгледаме историјата, полни со доверба и надеж – истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција на 11 октомври 2017 година на плоштадот Свети Петар.

Продолжувајќи со серијата катехези за христијанската надеж, Светиот Отец размислуваше за темата „Будно чекање“, фокусирајќи се притоа на делот од 12 глава во Евангелието според Лука, во која Исус ги повикува учениците секогаш да бидат будни: „Нека ви биде крстот стегнат и светилата – запалени! Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се врати од свадба, за да му отворат веднаш, штом дојде и почука.“ (Лк 12, 35-36)

Евангелието исто така препорачува да бидеме како слугите кои се будни додека повторно не дојде господарот. Овој свет од нас бара одговорност која ние од љубов, сакаме во целост да ја преземеме на себе – рече Папата. Секое утро е како празен лист кој христијанинот го пишува со своите добри дела. Притоа сме свесни дека преку Исусовото спасително дело сме спасени, но сè уште и понатаму го очекуваме потполното покажување на неговото владеење: „за да биде Бог сè во сè.“ (1Кор 15, 28)

Ништо не е посигурно во христијанската вера – продолжи Светиот Отец – од таа средба со Господ. И кога тој ден ќе дојде, ние христијаните сакаме да бидеме како слугите кои бдееле во ноќта со крстот стегнат и светилата – запалени: потребно е да се биде подготвен за спасението кое доаѓа, подоготвен за средба со Господ.

Христијанинот не е создаден за досада, туку за трпеливост – истакна папата Фрањо. Исто така знае дека во едноличноста на одредени денови е сокриено таинството на благодатите. Постојат луѓе кои со упорноста на својата љубов стануваат како извор кој ја натопува пустината. Ништо не се случува залудно, а не постои ситуација во која љубовта во целост е отсутна. Ниту една ноќ не е толку долга за да ја заборавиме радоста на зората. И кога целиот свет зборува против надежта, христијанинот знае дека на крајот од денот го наоѓа повторно Христовото појавување и така може да се спротивстави на искушението, својата љубов да ја смета за промашена.

Да мислиме на тоа дека Бог не може да се негира самиот себе, никогаш. Бог никогаш не разочарува – истакна папата Фрањо, бидејќи Божјиот план за спасение е јасно одреден проект. Од таа причина христијанинот не смее да го гледа светот со песимизам или рамнодушност како историјата да била воз кој е надвор од контрола.

Откако го запознавме Исус, не можеме а да не ја гледаме историјата полни со доверба и надеж – рече Светиот Отец. Исус е како куќа во која живееме и од прозорецот на таа куќа гледаме на светот. Од таа причина да не се затвораме во самите себе, ниту меланхолично да жалиме за наводно златно време. Секогаш да гледаме кон напред, кон иднината која не е само дело на нашите раце, туку првенствено е постојана грижа на божествената Провидност. Сè што изгледа матно, ќе биде изнесено на светлината на денот – истакна Папата.

Кој има надеж за светот, не се затвора во самиот себе, туку со помош на својата внатрешна доверба донесува надеж во овој свет и може да биде миротворец, а притоа не внимава на сопствената пријатност. Да ги повторуваме секојдневно зборовите од последната книга во Светото Писмо: „Дојди, Господи, Исусе!“ и нека во нашите најтешките моменти го слушнеме Исусовиот одговор: „Да, доаѓам брзо!“ – рече Светиот Отец на крајот од катехезата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот