Папата го започна своето апостолско патување во Филипините

Папата Фрањо во четврток 15 јануари пристигна нешто порано од 10.45 по средноевропско време во Манила, на Филипините, втората дестинација од неговото апостолско патување во Азија по интензивните денови проживеани во Шри Ланка, кои се под мотото „Милосрдие и сочувство“, јавува Радио Ватикан.

Папата во Манила е многу топло примен со локални песни и танцови. Го поздравија со многу млади луѓе кои на Папата му ја испеаја песната „Papa Francisco, Bienvenido“. Преседателот Бенињо Акино му ја бакна раката и месниот епископ на чело со архепископот на Манила кардинал Луис Антонио Тагле срдечно се прегрна со Папата. По песните, следуваше кратка средба на папата Фрањо со филипинскиот преседател.

По завршувањето на средбата со филипинскиот претседател папата замина во нунцијатурата, а патувањето беше придружено со мноштво народ покрај улиците.

Меѓу најочекуваните настани на ова патување се средбите во Теклобан кој речиси беше срамнат со земја во тајфунот Јоланда во ноември 2013 година и каде околу 6 000 луѓе ги загубија животите. Папата ќе се сретне со преживеаните и свечено ќе го отвори центарот изграден со помошта на „Cor Unum.“

Папата Фрањо сакаше ова патување да биде со најниски можни трошоци и да се одвива во знакот на скромноста, а сè што ќе се заштеди ќе биде наменето за лицата во потреба. Папата доаѓа во посета на единствената азиска земја, со исклучок на Источен Тимор каде што католиците се мнозинство. Таа е жива Црква со длабока вера која по четврти пат го пречекува Петровиот наследник. Папата ќе преноќи во нунцијатурата во Манила. Во петок 16 јануари на програмата е средбата со претставниците на властите и дипломатскиот кор, Литургија со епископите, свештениците, монасите и монахињите, а денот ќе биде завршен со средба со филипински семејства.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот