Папата ги прими младите од Католичка акција

Бидете живи камења и насекаде – дома, на училиште, во парохијата, – ширете ја радоста од пријателството со Исус, кој доаѓа да нѐ спаси – рече папата Фрањо на младите од Католичка акција, кои ги прими на аудиенција во петок 20 декември.

Божиќ е празник на присутноста Божја, кој доаѓа меѓу нас за да нѐ спаси. Исусовото раѓање не е никаква измислица, туку пред две илјади години навистина се случи во Витлееем. Преку верата во Витлеемското Дете, роден од Марија Девица, го гледаме вистинскиот Син Божји, кој се овоплоти од љубов кон нас – рече Папата додавајќи дека Бог се објави како немоќно детенце.

Ова дете ја отсликува верноста и нежноста на безграничната љубов со која Бог нѐ опкружува. Поради тоа Божиќ го славиме, доживувајќи го искуството на Витлеемските пастири. Божиќ го славиме заедно – мајки и татковци, кои секојдневно се жртвуваат за децата, болните и сиромашните, бидејќи Бог со нас се сретна во Исус – рече Папата и додаде дека треба да се моли и за оние кои не нѐ сакаат, Исус нека биде милостив со нив.

Вие ќе сведочите за Исус ако живеете вистински христијански живот, ако на оние во потреба им помогнете. А ако треба помош на некој кој не те сака, дали ќе му помогнеш – праша Папата и додаде: На секое лице, секогаш му е потребна помош, а никогаш не смее лошо да се зборува за другиот, да не се осудува. Озборувањето не му доликува на христијанинот, не е убаво да се озборува другиот, и затоа веќе сега да одлучиме дека нема да зборуваме лошо за другите, дека нема да ги озборуваме – поттикна папата Фрањо и средбата ја заврши со честитка: Среќен Божиќ и молите се за мене!

Во име на младите Светиот Отец го поздрави едно девојче: Драги Папа, добар ден! Те поздравуваме со истиот поздрав со кој како некој од семејството влегуваш во нашата куќа. Ние те познаваме, бидејќи те гледаме на телевизија: гледаме едноставна и симпатична личност. Знај дека и ние, колку и да сме мали, го разбираме она што сакаш да го кажеш.

Сфаќаме дека не треба да се сокриваме или срамуваме затоа што сме христијани, дека е убаво да се биде пријател со Исус. Секој ден се сеќаваме на твоите зборови; дозволи, благодари, прости. Се трудиме да ги применуваме во животот. Сите овие млади од Католичка акција те сакаат, а денес во името на сите останати ти посакуваме ; Среќен Божиќ, Фрањо!

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот