Папата Фрањо упати порака до патријархот Вартоломеј

Папата Фрањо упати порака до патријархот Вартоломеј

Папата Фрањо по повод меѓународниот симпозиум на тема „Кон зелената Африка. Зачувување на планетата и заштита на неговиот народ“ кој овие денови се одржува во Атина, на екуменскиот патријарх Вартоломеј му упати порака.

Папата Фрањо упати порака до екуменскиот патријарх Вартоломеј по повод симпозиумот за животната средина, истакнувајќи меѓу останатото дека еколошката криза која го погодува човештвото на крајот на краиштата е вкоренета во човечкото срце кое се стреми да ги контролира и искористува ограничените ресурси на нашата планета, додека ги игнорира ранливите членови на нашето човечко семејство.

Папата Фрањо по повод меѓународниот симпозиум на тема „Кон зелената Африка. Зачувување на планетата и заштита на неговиот народ“ кој овие денови се одржува во Атина, на екуменскиот патријарх Вартоломеј му упати порака. Во неа ја изразува својата болка и погоденост што Средоземното Море стана гробишта за мажи, жени и деца кои главно сакале да побегнат од нехуманите услови кои владееле во нивните татковини.

Врската помеѓу климатските промени и миграцијата

Упатувајќи на врската помеѓу климатските промени и миграцијата, Светиот Отец изразува загриженост заради растечкиот егзодус на мигранти и бегалци заради климатски и природни промени. Свртувајќи го потоа вниманието на својата енцикликаLaudato Si“ напомена дека општеството треба да се запраша каков свет сака да остави на идните генерации. Имајќи ја на ум еколошката криза со која се соочуваме, повика на сериозен испит на совеста.

Созданието е дар, а не приватен посед

Грижата за создаденото, гледано како заеднички дар, а не како приватен посед, секогаш подразбира признавање и почитување на правата на секој човек и на секој народ – предупреди папата Фрањо и додаде: Еколошката криза која сега го погодува човештвото на крајот на краиштата е вкоренета во човечкото срце кое настојува да ги контролира и искористува ограничените ресурси на нашата планета, додека ги игнорира ранливите членови на човечкото семејство.

Светски ден на грижа за создаденото

Потоа Папата упати на минатогодишната порака за Светскиот ден за грижа на создаденото, која ја потпишаа тој и патријархот Вартоломеј, а во која напишаа дека итниот повик и предизвик на грижата за создаденото претставува поттик за целото човештво да работи за одржлив и целосен развој.

Должноста за грижа за создаденото ги предизвикува сите луѓе со добра волја и ги повикува христијаните да ги признаат духовните корени на еколошката криза и да соработуваат за да понудат недвосмислен одговор – пишува Светиот Отец и продолжи: Светскиот ден за грижа на создаденото е чекорот во таа насока затоа што ја покажува нашата заедника грижа и стремеж да соработуваме за да се соочиме со тие чувствителни прашања. Папата Фрањо на крајот изрази надеж дека католиците и православните, заедно со верниците од другите христијански заедници и со сите луѓе со добра волја, делотворно ќе соработуваат во локалните контексти за да се погрижат за создаденото и заедно да работат за одржлив и целосен развој.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот