Папата ги поттикна епископите од Африка на дијалог со муслиманите

Во понеделник, 10 ноември, папата Фрањо ги прими на аудиенција епископите од Сенегал, Мавретанија, Зелен Р’т и Гвинеја – Бисао кои беа во посета „ad limina“. Папата истакна дека во тие африкански земји христијаните се малцинство, кои храбро и великодушно  го сведочат Евангелието, при што ги поттикна епископите на дијалог со муслиманите.

За зајакнување на христијанската вера и дијалогот со муслиманите Светиот Отец им зборуваше на епископите од горенаведените африкански држави. Ги поттикна особено да ја зајакнат верата во народот за да можат да издржат на „лесните и привлечните морални понуди“ а исто така потсети и на опасностите кои со себе ги носи секуларизацијата. Затоа важно е „духовното и доктринарното образование“ на лаиците, како би се избегнала маргинализацијата на верата во јавниот живот. Исто така многу е важна и формацијата на свештениците, кои секогаш треба да сметаат на близината на пастирот – рече Светиот Отец.

Папата се осврна и на пасторалната грижа на семејствата, потсетувајќи на неодамнешната Синода за семејството. Потврди дека семејството е „основна клетка на општеството и на Црквата“. Освен тоа, во семејството се изучуваат верата и принципите на заедничкиот живот, а во него исто така се раѓаат свештенички и монашки позиви, кои и се потребни на Црквата – потсети Светиот Отец.

Поголемиот дел од говорот Папата го посвети на односот со другите религии, особено со исламот, религија со мнозинство во некои делови на Африка. Посебно ги охрабри свештениците да водат „охрабрувачки дијалог со муслиманите“, кои сè повеќе е потребен за мирољубив соживот. Потсети дека Црквата истовремено треба да ја сведочи љубовта кон сите, без оглед на верската припадност.

Затоа Папата ја пофали посветеноста на Црквата за дијалогот во Африка, нејзиниот придонес за човековото промовирање, здравството и образованието. Некои ваши Цркви се мали, слаби, но тие се храбри и великодушни во навестувањето на верата – заклучи Светиот Отец.

РВ/З.А.

Категорија: Ватикан

За авторот