Генерална аудиенција: Има толку многу тага во светот, правењето добро помага да се има надеж

Генерална аудиенција: Има толку многу тага во светот, правењето добро помага да се има надеж

„Распнатиот е извор на надеж“, е темата на катехезата на Генералната аудиенција на Велика среда. Папата Фрањо зборуваше за Исус кој на крстот ја претвора болката во љубов: ни треба едноставност, треба повторно да ја откриеме вредноста на едноставноста, лишувајќи ја душата од вишокот што ја оптоварува

„… Христос пострада за нас (…) кога на Него хулеа, Он не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не заплашуваше… Он сам ги изнесе нашите гревови на дрвото со телото Свое, та за гревовите да умреме, а да живееме за правдата: „преку Неговата рана се исцеливте” (1 Петрово 2, 21-24).

Читањето беше почеток на Генералната аудиенција на Велика среда, 5 април 2023 година. Се наоѓаме во средината на Страсната седмица и се наближува часот на Исусовата смрт. Како што слушнавме на минатонеделната Lитургија, на неговиот гроб ќе биде поставен камен. Изгледа дека сè е готово; за Исусовите ученици тој камен го означува крајот на секоја надеж – рече папата Фрањо на самиот почеток на катехезата. Сè зборува за неуспех. Обесхрабрувањето што ги потиштуваше учениците не ни е непознато ниту денес – рече тој и додаде:

И кај нас се собираат мрачни мисли и чувства на фрустрација: зошто таква рамнодушност кон Бога? Интересно е: зошто има толку рамнодушност кон Бога? Зошто има толку многу зло во светот? Погледни, има зло во светот! Зошто нееднаквостите продолжуваат да растат и не доаѓа посакуваниот мир? Зошто сме толку приврзани за војна, за ранување едни со други? И во срцето на секој поединец, колку изгубени очекувања, колку разочарувања! Дополнително, тоа чувство дека минатите времиња биле подобри и дека светот, а можеби и Црквата, не е она што беше… Накратко, како и денес надежта да е запечатена под каменот на недоверба.

Од крстот р’ти надеж

Каде е вашата надеж денес? –праша Папата. Пред очите на учениците е сликата на крст, но наскоро ќе сфатат дека токму од овој крст се раѓа нов почеток. Светиот Отец ја истакна оваа привидна противречност и рече дека Божјата надеж се раѓа токму во „црните дупки на нашите изневерени очекувања“. Од крстот, од таа страшна направа за мачење, Бог го извлече најголемиот знак на љубов – рече Папата и продолжи:

Тоа дрво на смртта, кое стана дрво на животот, нè потсетува дека Божјите почетоци честопати започнуваат со нашите завршетоци: така Тој сака да прави чуда. Затоа, да ги насочиме нашите очи денес во дрвото на крстот за да изр’ти во нас надежта; за да се излекуваме од тагата; колку се тажни луѓето… Кога можев да одам по улиците – сега не можам затоа што не ми дозволуваат – но кога можев да одам по улиците на друга бискупија, сакав да ги гледам очите на луѓето. Колку тажни погледи има! (…) Ни треба малку надеж, да се излечиме од тагата од која боледуваме, од огорченоста со која ја труеме Црквата и светот.

Исус соблечен на крстот ни кажува да ја погледнеме вистината за себе

Затоа Светиот Отец ги охрабри верниците да го погледнат распетието на кое Исус го соблекоа, ранија, мачеа. Соблечен; Оној што е Бог дозволува да биде лишен од се. Ние, кои сме толку приврзани за изгледот, кои секогаш сакаме да им го покажуваме на другите нашето разубавено лице, мислиме дека е важно да се пофалиме, другите да зборуваат добро за нас и кои се полниме со излишни работи, но не наоѓаме мир. Исус, соголен од се, нè потсетува дека надежта повторно се раѓа гледајќи во вистината за себе – забележа Папата и објасни:

Ова е потребно: да се вратиме во срцето, на тој суштински, едноставен живот, лишен од многу бескорисни работи, кои се надомест за надежта. Денес, кога сè е напластено и постои опасност да се изгубиме, потребна ни е едноставност, треба повторно да ја откриеме вредноста на едноставноста, одрекувањето, да се исчистиме од она што го загадува срцето и нè растажува. Секој од нас може да помисли на некоја бескорисна работа што можеме да ја оставиме за да се пронајдеме повторно.

Убава вежба

Пред да премине на конкретното, Папата даде идеја, „убава вежба“ што секој од нас може да ја направи. Тој раскажа како пред две недели во Домот Света Марта, каде што живее, се прошири веста дека за Страсната недела би било убаво да погледнеме во гардеробата и да разгледаме, да се ослободиме од работите што ги имаме и не ги користиме. … Не можете да замислите колку такви работи има! – истакна тој и додаде:

Убаво е да се ослободите од непотребните работи. Тоа нека отиде кај сиромашните, луѓето во неволја. Имаме и толку многу бескорисни работи во нашите срца, но и надвор. Погледнете ја вашата гардероба (…) Погледнете ја гардеробата на вашата душа: колку бескорисни работи имате, колку глупави илузии.

Со Исус е можно болката да се претвори во „отвори на светлина“

Исус беше ранет и по телото и во душата – истакна Римскиот епископ. Исус е сам: предаден, отфрлен од своите. Му се потсмеваат, на народот му е помил Варава. Како сето ова ни помага на нашата надеж? – праша Папата.

И ние сме ранети: кој не е ранет во животот? Кој не ги носи лузните од претходните одлуки, недоразбирањата, болката која останува во срцето и тешко се надминува? Но и лузните од претрпените неправди, остри зборови, безмилосни осуди? Бог не ги крие од нашите очи раните што му го прободеа телото и душата. Тој ги покажува за да ни покаже дека на Велигден може да се отвори нов премин, дека нашите рани можат да станат отвори на светлината.

Што правиме со нашите рани?

Се зависи од тоа што правиме со нашите рани – рече Папата. Гледаме дека Исус на крстот продолжува да ги сака и да им простува на оние што го повредиле, победувајќи го на тој начин злото. А ние, што правиме од нив? Дали дозволуваме лошото сеќавање и тагата да нè обземат или ги соединуваме со Исусовите?

Да, нашите рани можат да станат извори на надеж кога, наместо да се сожалуваме, ќе ги избришеме солзите на другите; кога наместо да негуваме огорченост за она што ни е одземено, ќе се грижиме за она што им недостига на другите; кога наместо да бидеме преокупирани со мислите за себе, ќе се наведнеме над оние што страдаат; кога наместо жед за љубов кон нас, ќе ја гаснеме жедта за љубов на оние на кои им требаме. Затоа што само кога ќе престанеме да размислуваме за себе, повторно се пронаоѓаме себеси. И така – се вели во Светото Писмо – нашата рана брзо ќе зарасне (сп. Исаија 58,8), а надежта повторно ќе процвета.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот