Папата во Романија. Молитвата Оче наш во православната катедрала

Папата во Романија. Молитвата Оче наш во православната катедрала

По средбата со Постојаниот Синод на Романската Православна Црква, папата Фрањо на 31 мај 2019 година попладне замина во новата сѐ уште недовршена православна катедрала „Спас на народот“ во Букурешт.

Пред катедралата на Папата го пречека патријархот Даниил и заедно појдоа до олтарот. Катедралата е инаугурирана во ноември 2018 година, но целосно ќе биде завршена во 2024 година. За време на својата апостолска посета на Романија во мај 1999 година, свети Иван Павле II даруваше 200.000 долари за нејзината градба и неговото име е запишано во списокот на дарователите.

„Оче наш“ не е молитва која помирува, туку таа е крик пред недостатокот на љубов во нашето време, пред индивидуализмот и рамнодушноста кои го обечестуваат Твоето Име, Оче. Помогни ни да бидеме гладни за дарување на себе – истакна папата Фрањо во подготовката за молитвата Оче наш која – како што рече, сака да ја моли за патот на братството и за Романија секогаш да биде дом на сите луѓе, земја на средбата, градина во која цвета помирувањето и заедништвото.

Размислувајќи за поединечните молби во молитвата „Оче наш“ Папата го молеше Отецот да ни помогне да не му судиме на братот за неговите дела и за неговите ограничености, туку да го прифатиме пред сѐ како Негово дете. Отецот Кој е на небесата Го молеше освен тоа и за хармонијата која на земјата не знаеме да ја чуваме. Тоа го молиме преку застапништвото на големиот број браќа и сестри во верата кои престојуваат во небесата откако верувале, љубеле и многу трпеле, па и во нашите денови само затоа што се христијани – рече Папата.

Како нив и ние сакаме да го посветуваме Твоето Име ставајќи го во центарот на сите свои интереси. Нека Твоето Име Господи, а не нашето поттикнува и буди во примената на љубовта – рече и истакна: Колку пати се задржуваме на барањето дарови и набројуваме барања заборавајќи дека најважно е да се слави Божјото Име, да Му се поклонуваме за да го препознаеме Неговиот жив одраз.во личноста на братот кој го ставил покрај нас

Во очекување сме на Твоето Царство. Тоа го бараме затоа што гледаме дека не го следи динамиката на денешниот свет со кој управува логиката на парите, интересите и моќта. Додека сме потопени во сѐ поголем консумизам, помогни да се откажеме од удобната сигурност на моќта, од лажниот шарм на монденоста, празното уверување дека сме си самодоволни. Нека биде волјата Твоја, а не нашата. Божјата волја е спас за сите. Помогни ни Оче и испрати ни Го Светиот Дух, да нѐ поттикне да ја навестуваме радосната вест на Евангелието надвор од границите на нашите припадности, јазици, култури и нации.

Секој ден ни е потребен Он, лебот наш насушен – рече потоа Папата и истакна, Он е леб на животот преку кој се чувствуваме сакани деца, и кој ја задоволува гладта на секоја наша осаменост. Он е лебот на служењето; се прекршува за да биде наш слуга, од нас бара взаемно да си служиме. Оче додека ни го даруваш лебот насушен поттикни во нас носталгија за братот, потреба да му служиме. Те молиме и за лебот на сеќавањето, милост за да ги зацврстиме заедничките корени на нашиот христијански идентитет, корените потребни во времето во кое човештвото, а посебно младите генерации можат да се почувствуваат искоренети.

(…)Помогни ни Оче да не попуштиме на стравот, во отвореноста да не гледаме опасност; да имаме сила да простуваме и да одиме и храброст да не се задоволиме со мирен соживот и секогаш транспаретно и искрено да го бараме лицето на братот – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот