Дикастеријата за служба на милосрдието ја поддржува иницијативата на добротворната организација „Cross Catholic Outreach“, посветена за помош на децата погодени од вооружени конфликти. Возилото на Папата ќе патува низ Соединетите Американски Држави за да привлече внимание на реалноста со која се соочуваат жртвите од војната, а воедно ќе понуди и моменти за молитва и размислување.
„Добротворноста, столб на христијанскиот живот, не смее да остане теоретска, туку мора да се изрази во дело, кое станува служење.“ Зборовите на папскиот милостинар, надбискупот Луис Марин де Сан Мартин, го осветлуваат значењето на новата иницијатива на Дикастеријата за служба на милосрдието, која ја извршува својата мисија во името на Папата.
На 28 април 2026 година, префектот на Дикастеријата лично ѝ ги предаде клучевите од папамобилот на Микеле Сагарино, претседателка на американската добротворна организација „Cross Catholic Outreach“.
Во среда наутро, 29 април 2026 година, на крајот од Генералната аудиенција, Сагарино го поздрави папата Лав XIV и му ја претстави работата на организацијата, која во минатото ѝ помагала и на епархијата Чиклајо.
Овој момент го означи официјалното започнување на иницијативата „Американски католички херои: Патување за надеж“, патување низ Соединетите Американски Држави долго околу 3.700 милји, од Њујорк до Калифорнија. Целта е да се поддржат децата и ранливите луѓе што ги трпат последиците од војната, како и да се создадат можности за молитва.
Добротворната организација ќе организира, промовира и спроведе голема добротворна аукција во Соединетите Американски Држави, а приходите ќе бидат наменети за добротворните активности на Дикастеријата.
Солидарност и евангелизација
Според надбискупот Луис Марин де Сан Мартин, предавањето на папамобилот има општествена вредност, бидејќи изразува солидарност со оние на кои им е најпотребна помош, а истовремено служи за „зајакнување на врските со Светиот Отец и промовирање на евангелизацијата“.
„Благодарен сум на ‘Cross Catholic Outreach’“, изјави папскиот милостинар, „која долго време соработува со Дикастеријата за служба на милосрдието, давајќи ѝ великодушна поддршка“.
Организацијата е основана пред речиси 25 години, а нејзините активности се протегаат во различни делови од светот. Само во 2024 година работела во 32 земји, меѓу кои Малави, Замбија и Хаити, поддржувајќи 279 проекти и вложувајќи во програми за здравство, земјоделство, обезбедување храна, пристап до чиста вода, образование и, пред сè, духовна помош.
„Мобил на надежта“
Организаторите на ова посебно патување објаснуваат дека папамобилот ќе стане „мобил на надежта“ на патиштата низ Соединетите Американски Држави, возило на надежта што се упатува кон оние што страдаат.
Иницијативата, закажана за јуни и јули 2026 година, се совпаѓа со 250-годишнината од потпишувањето на Декларацијата за независност на Соединетите Американски Држави во 1776 година. Ќе опфати 13 градови, меѓу кои Њујорк и Вашингтон, со застанувања на места како Нотр Дам и Сент Луис, продолжувајќи кон југозападот и Калифорнија.
Иницијативата првично била посакувана и одобрена од папата Фрањо, со цел приходите да бидат наменети за сиромашните, особено за децата жртви на војните низ светот.
„Христијанската светост“, напиша папата Лав XIV во Dilexi te, својот Апостолски поттик за љубовта кон сиромашните, „често цвета во најзаборавените и најранетите места на човештвото. Најсиромашните меѓу сиромашните имаат посебно место во Божјото срце. Тие се сакани од Евангелието, наследници на Царството. Во нив Христос продолжува да страда и да воскреснува. Во нив Црквата повторно го открива својот повик да го покаже своето најавтентично лице.“
Ова е мисијата што Дикастеријата за служба на милосрдието продолжува да ја извршува со голема посветеност.
Ватикан њуз/к.мк

