Папата до младите: Бидете новото лице на Европа

Папата до младите: Бидете новото лице на Европа

Папата Фрањо во понеделник 11 јули 2022 година, на празникот Свети Бенедикт, заштитникот на Европа, испрати порака до младите собрани на Конференцијата за млади на Европската унија во чешкиот главен град од 11 до 13 јули. Светиот Отец ги повика да ѝ дадат „нов лик на Европа“, која е инклузивна, образована и која не се плаши да го отфрли насилството.

„Би сакал да ви кажам нешто што ми е многу при срце. Најпрво, ве повикувам да го преобразите „стариот континент“ во „нов континент“, а тоа е можно само со вас“. Вака папата Фрањо ја започнува својата порака до младите собрани во Прага, за кои вели дека имаат „добри карти“ – тие се внимателни, помалку идеологизирани, навикнати да студираат во други европски земји, отворени за волонтирање и чувствителни на еколошки прашања. „Затоа чувствувам дека има надеж“, пишува римскиот бискуп.

Нека се слушне вашиот глас

Способни да ѝ дадете лик на Европа, но и способни да гледате пошироко и подалеку. Во својата порака Папата се осврнува на се уште нејасна етимологија на зборот „Европа“. Меѓу различните претпоставки, една е особено сугестивна, пишува тој, нудејќи ги изразите „eurús op“, односно „големо око“, „широк поглед“, што овозможува да се погледне понатаму.

Зборувајќи за Глобалниот пакт за образование – иницијатива започната во 2019 година како сојуз меѓу просветните работници и новите генерации – папата Фрањо ги повика младите да се слушне нивниот глас. „Ако не ве слушаат, викајте погласно, бидете гласни, имате потполно право да го кажете вашето мислење кога се однесува на вашата иднина. Ве охрабрувам да бидете посветени, креативни и критични“, нагласи тој.

Другиот е секогаш богатство

Потоа во пораката Папата го оцртува патот кој како прв чекор ја има отвореноста за прифаќање, инклузија – затоа што другиот секогаш е богатство.

„Добро е да имаш „големи очи“ за да се отвориш за другите. Без дискриминација кон никого, од која било причина. Да се биде солидарен со сите, не само со оние кои изгледаат како мене или даваат слика за успех, туку и со оние кои страдаат, без разлика на националноста и социјалниот статус“.

Вашата амбиција, посочи понатаму Папата, не треба да биде „влегување во елитни формативни средини“, туку доживување искуства кои воспитуваат за човековиот раст, за општото добро. Тие искуства на солидарност ќе бидат оние кои ќе го променат светот, а не оние кои исклучуваат на елитните училишта. „Извонредност, да, но за сите, не само за некого“, пишува Папата.

Светиот Отец, исто така, ги повика младите да ја прочитаат енцикликата Fratelli tutti за да раснат во братство, како и Документот за човечко братство потпишан од Светиот Отец со големиот имам од Ал-Азхар со цел да се запознаат себеси и другите.

Конкретно во одбрана на заедничкиот дом

Вториот предлог на Папата се однесува на грижата за заеднички дом – во оваа смисла тој ја пофалува конкретноста на младите. Затоа Светиот Отец тврди дека ова време може да биде вистинското време, за разлика од претходните генерации кои „многу кажуваа, а малку одлучуваа“.

Светиот Отец потсетува на потребата да се намали потрошувачката не само на фосилните горива, туку и на многу други непотребни работи. „Во некои делови од светот, би било соодветно да се консумира помалку месо: ова исто така може да помогне да се зачува животната средина“, пишува Папата.

Во тој поглед, Светиот Отец повикува да ја прочитаат енцикликата Laudato si’, во која можат да најдат цврсти причини за да се посветат за целосна екологија.

Не дозволувајте да ве заведат сирените кои предлагаат луксузен живот резервиран за мал дел од светот, напомена Папата. Имајте „големи очи“ за да го видите остатокот од човештвото, кое не е ограничено само на малата Европа. Желбата на папата Фрањо е да се стремат кон достоинствен и собран живот, без луксуз и расипување, за да може секој во нашиот свет да ужива во достоинствен живот.

Украина, бесмислена војна

Зборувајќи за Европа, Папата се осврна на Украина, каде што се одвива „бесмислена војна“ и повторно потсети на концептот на братство, нагласувајќи дека обединета Европа се родила од големиот копнеж за мир. „Доколку светот беше управуван од млади луѓе“, се вели во пораката, „немаше да има многу војни: оние кои го имаат целиот свој живот пред себе не сакаат да го скршат и да го фрлат, туку сакаат да го живеат потполно“.

„Сега сите мора да се посветиме за ставање крај на уништувањето на војната, каде што, како и обично, неколку моќници одлучуваат и испраќаат илјадници млади луѓе да се борат и да гинат. Во вакви случаи, оправдано е да се бунтуваш!“

Потоа даде пример на двајца млади луѓе со „големи очи“. Првиот е Франц Јегерштатер, кој беше прогласен за блажен од Бенедикт XVI. Тој бил млад австриски селанец, кој поради неговата католичка вера се спротивставил да му се заколне на верност на Хитлер и да оди во војна. За тоа и умрел. Истата судбина го снајде и Дитрих Бонхофер, млад германски лутерански теолог кој се спротивстави на нацизмот.

Да се бара Вистината

На крајот, папата Фрањо потсети дека покрај знаењето за себе, за другите и созданијата, друга димензија на образованието е и знаењето за почетокот и крајот на сè. Поттикнува на потрага по смислата на животот, гледајќи нагоре, кон изворот и кон крајот, „затоа што не можете да живеете ако не ја барате Вистината“. Од тука и повикот да одат „со нозете цврсто на земјата, но и со со широк поглед, отворен кон хоризонтот, кон небото“, во што ќе им помогне и читањето на Апостолскиот поттик Christus vivit. Ги повика младите и на следниот Светски ден на младите во Лисабон.

Пораката ја заврши со желба да бидат генеративни млади луѓе, способни да генерираат нови идеи, нови визии за светот, економијата, политиката и општествениот соживот; но не само со нови идеи, пред се со нови патишта, кон кои треба да се стремат заедно.

„И бидете дарежливи во создавањето нови животи, секогаш и само за љубов! Љубовта кон мажот и жената, љубовта кон семејството, љубовта кон децата, а исто така и љубовта кон Европа, како би била земја на мир, слобода и достоинство за сите“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот