Кардинал Паролин: Папата во Бахреин, знак на единство и дијалог во трагичен момент во историјата

Кардинал Паролин: Папата во Бахреин, знак на единство и дијалог во трагичен момент во историјата

Бахреин се подготвува да го пречека наследникот на Петар. Државниот секретар, кардиналот Пиетро Паролин, во изјава за ватиканските медиумите, изрази благодарност за поканата до кралот на Бахреин, Хамад бин Иса бин Салман Ал Калифа, како и до локалната Црква.

Папата Фрањо ќе го посети Бахреин од 3 до 6 ноември 2022 година. При тоа ќе ги посети градовите Манама и Авали, каде што ќе учествува на „Бахреин форум за дијалог: Исток и Запад за човечки соживот“. Меѓу главните настани ќе биде светата Литургија на Националниот стадион во Бахреин и средба со младите во училиштето Пресвето Срце. Државниот секретар на Папата, кардинал Пиетро Паролин, во интервју за ватиканскиот дневен весник L’Osservatore Romano и за Ватиканското радио – Vatican News, истакна дека во свет во кој владеат тензии, конфронтации и конфликти, посетата на Папата и настаните на кој ќе учествува во Бахреин се порака за единство, поврзаност и мир.

Прв Папа кој ќе го посети Бахреин

Папата Фрањо ќе биде првиот Папа што ќе го посети Бахреин. Зборувајќи за тоа како дошло до организацијата на таа посета, кардиналот Паролин рече дека посетата произлегува од поканата упатена од кралот на Бахреин до Светиот Отец. Дополнително, се совпаѓа со Форумот за дијалог за мирен соживот. По поканата на кралот, пристигна и поканата од локалната Црква – објасни кардиналот и додаде дека сакал да го искористи интервјуто што претходи на посетата на Папата за да ја изрази својата длабока благодарност до кралот и властите во Бахреин, како и до Црквата. во Бахреин, за поканата и за подготовките во поглед на доаѓањето на Светиот Отец.

Форумот и посетата на Папата се знак на единство

Осврнувајќи се на форумот посветен на дијалогот за целите на човечкиот соживот меѓу Исток и Запад, во чија завршна фаза ќе учествува и папата Фрањо, државниот секретар на Папата истакна дека е јасна пораката што произлегува од форумот и од учеството на Светиот Отец. Тоа е знак на единство во еден посебно деликатен, слоевит, на некој начин трагичен момент од нашата историја – рече тој и додаде: Покана за дијалог, за средба на Исток и Запад, во реалност како онаа во Бахреин, која е мултиетничка, мултикултурна и мулти-религиозна, значи способност да се живее заедно, да се соработува дури и во таква слоевита реалност.

По тој повод ќе се одржат две средби: една на муслиманскиот совет на старешини, организација која ги претставува муслиманските верски лидери кои се залагаат за дијалог и почитување на религиите и екуменска средба на која ќе учествуваат бројни претставници од различни земји. Но, знакот е секогаш ист: во свет обележан со тензии, конфронтации и конфликти, тоа е порака за единство, поврзаност и мир – истакна кардиналот.

Документот од Абу Даби

Во разговорот беше спомнат и документот за човечко братство за мир во светот и заеднички живот, а на новинарското прашање какво значење има таа порака денес, кардиналот Паролин рече дека документот му изгледа многу релевантен и дека донекаде е на црвена нишка што ги поврзува сите патувања на кои Папата ги посетил во земји како што се, на пример, Казахстан, Ирак, Арапските Емирати, Мароко, Египет и Азербејџан. Таа црвена нишка едноставно значи дека меѓу Бога и омразата, меѓу религијата и насилството, постои апсолутна исклученост, неможност за каков било контакт и помирување, бидејќи кој прифаќа омраза и насилство ја искривува самата природа на верата.

Инклузија и почитување на човечкиот живот

Папата секогаш повикува и е сведок на инклузија и почитување на човечкиот живот. На прашањето на новинарот какво значење има патувањето во Бахреин, кардиналот Паролин истакна дека Папата ги претставува длабоките очекувања на толку многу луѓе чии права не се почитуваат, нивните основни права на живот, на инклузија, на учество во добрата на земјата. Затоа и во овој случај Светиот Отец ќе биде гласот на оние кои немаат глас и ќе оди да се сретне со луѓе кои, во одредена смисла, се на периферијата.

Католиците во Бахреин

Осврнувајќи се на ситуацијата на католиците во Бахреин и односите меѓу Светиот Престол и таа земја во Персискиот залив, државниот секретар на Папата истакна дека во Бахреин исламот е државна религија, а шеријатот е главен извор на правото. Христијанската заедница е околу 10% од населението, а има меѓу 80 и 100.000 католици. Односите со Светиот Престол се воспоставени во 2000 година и ми се чини дека се добри – истакна државниот секретар и додаде дека секогаш имало почит и соработка од државните органи во однос на католиците, верниците и апостолскиот викар. Посетата на Папата ќе послужи токму за средба со таа заедница и за охрабрување во нејзиниот живот и сведочење – истакна кардиналот Паролин.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот