Ангел Господов: Консумизмот ни го краде Божиќ

Ангел Господов: Консумизмот ни го краде Божиќ

Ако раѓањето на Исус не ги допира нашите животи, поминува залудно – рече папата Фрањо во говорот пред молитвата Ангел Господов. Говорот на Папата го прнесуваме во целост.

Во оваа четврта и последна недела од Адвент, Евангелието повторно ни го става пред очи извештајот за Благовештението. „Радувај се!“, ѝ вели ангелот на Марија, „Ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус“ (Лука. 1,28; 31). Ни изгледа тоа како да е навестување на чиста радост, која треба да ја израдува Девицата: која како жена од тоа време не сонувала да стане мајка на Месијата? Но, заедно со радоста, овие зборови предвестуваат големо искушение за Марија. Зошто? Бидејќи во тој момент таа беше „свршена“ (ред 27). За таква ситуација, Мојсеевиот закон одредил дека не треба да се има никакви односи и заеднички живот. Затоа, Марија, ако носи дете, ќе го прекрши законот, а казните за жените биле страшни: таквата жена било предвидено да се каменува (сп. 5. Мој. 22, 20-21). Божјата порака сигурно ќе го исполни срцето на Марија со светлина и сила; Меѓутоа, таа се соочила со важен избор: да му каже „да“ на Бога ризикувајќи сè, вклучително и нејзиниот сопствен живот или да го одбие повикот и да продолжи по својот вообичаен пат.

И што прави таа? Одговара на следниов начин: „Нека ми биде според зборовите твои!“ (Лука 1,38). Нека ми биде (fiat). Но, на јазикот на кој е напишано Евангелието, тоа не е само „нека биде“. Глаголот користен во оригиналот укажува на силна желба, укажува на волја да се постигне нешто. Со други зборови, Марија не вели: „Ако треба да се случи, нека се случи…, ако веќе не може да биде поинаку“. Не станува збор за помирување со неизбежното. Таа не искажува слабо и понизно прифаќање, туку силна, жива желба. Не е пасивна, туку активна. Таа не му се потчинува на Бога, туку се прислонува на Него. Ја обзема љубовта кон Господ и е подготвена да му служи во сè и веднаш. Можела да побара малку време за да размисли за тоа или да побара повеќе објаснувања како тоа ќе се случи; можеби и да постави некои услови… Но, таа не си зема време за тоа, не дозволува Господ да чека, не одложува

Ајде да размислиме сега за себе. Колку пати нашиот живот се состои од одложување, па и за духовниот живот! На пример: Знам дека молитвата е добра за мене, но денес немам време… „утре, утре, утре, утре…“ ги одложуваме работите: ќе го направам тоа утре; Знам дека е важно да му помогнеме на некого – да, морам да го направам тоа: ќе го направам тоа утре. Тоа е истиот синџир составен од она утре… Одложување на работите. Денес, додека Божиќ ни тропа на вратата, Марија нè повикува да не одложуваме, туку да кажеме „да“: „Треба ли да се молам?“ „Да, и го правам тоа“. „Дали треба да им помагам на другите? „Да“ Како да се направи тоа? Така да им помогнеме. Без одложување. Секое „да“ кошта. Секоја „да“ кошта, но секогаш помалку од она што ја кошташе неа за она храбро „да“, она подготвеното „да“, „нека ми биде според зборовите твои“ кое ни донесе спасение.

А ние, кои се тие „да“ што можеме да ги кажеме? Во ова тешко време, наместо да се жалиме за она што нè попречува пандемијата, да направиме нешто за оние кои имаат уште помалку: да не редиме бескрајно подароци за нас и за нашите пријатели, туку да му подариме на некој човек во потреба на кој никој не помислува! И уште еден совет: за да се роди Исус во нас, да ги подготвиме нашите срцата: да појдеме да молиме. Да не се препуштаме на баснословен консумеризам: „Морам да купам подароци, морам да направам ова или она…“. Тоа лудило што ме тера да направам многу работи … Исус е важен. Консумеризмот, браќа и сестри, ни го украде Божиќ. Во витлеемската штала нема консумеризам: таму е реалноста, сиромаштвото и љубовта. Да го подготвиме срцето како што направи Марија: ослободено од зло, отворено, подготвено да го прими Бога.

„Нека биде според зборовите твои. Тоа е последната реченица на Богородица во оваа последна недела од Адвент и е повик да се направи конкретен чекор кон Божиќ. Зашто, ако раѓањето на Исус не ги допре нашите животи – моите, твоите, сите – ако не го допира животот, залудно ќе помине. Во молитвата Ангел Господов сега ќе кажеме и „нека ми биде според зборовите твои“: нека Богородица ни помогне да го кажеме ова со својот живот, со својот став во овие последни денови, добро да се подготвиме за Божиќ.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот