Во Европскиот парламент бискупот Стојанов ја отвори изложбата за Света Мајка Тереза

Во Европскиот парламент бискупот Стојанов ја отвори изложбата за Света Мајка Тереза

На повик на хрватската пратеничка Маријана Петир, на 4 демкември 2018 година, во Европскиот парламент во Брисел Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, монс д-р Киро Стојанов ја отвори изложбата за света Мајка Тереза „Светицата од Скопје, светица за светот“, по повод завршувањето на Европската година за културно наследство. Пратеничката Петир во соработка со Католичката црква во Македонија и Спомен куќата Мајка Тереза во Скопје ја организира оваа изложба и на тој начин е претставен животот и делото на оваа голема светица, која остави неизбришлив белег во светската историја.

Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани се заблагодари на пратеничката Петир за организација на изложбата и истакна дека ова е „псоебна можност да се присетиме на личноста која клучно придонесе за вредностите кои се во центарот на нашите демократии“, додавајќи дека „Мајка Тереза со својата посветеност кон сиромашните и напуштените всушност ги персонифицира вредностите кои се во центар на европските интеграции.“

Пратеничката Петри истакна дека Мајака Тереза е „една од најважните жени на 20 век, сакана монахиња, духовита, надарена, мудра и воодушевувачка жена која носела порака на надеж во времето во кое живееше“ и нагласи дека „Мајка Тереза била посебно популарна, но нејзниот „ѕвезден статус“ не доаѓал од богатите, туку од најсиромашните меѓу сиромашните за кои се грижела со голема љубов. И покрај тоа што добила многубројни награди, таа никогаш самата себе не се ставала во прв план, туку секогаш го ставала Христос“. Петир исто така рече дека Мајка Тереза „сметала ако навистина припаѓаме на Бог и сакаме да му служиме, тогаш треба да му дозволиме да се послужи со нас на оној начин на кој тој сака да го навестуваме“. Во нејзиниот случај тоа била грижата за оние за кои никој не се грижел: сиромашните, болните, оние на умирање, отфрлените, неродените“, истакна Петир.

На пристуните исто така се обрати и директорот на Спомен куќата Мајка Тереза, Аријан Асланај со желба да ја посетат оваа единствена меморијална куќа посветена на Мајка Тереза.

Во својот говор бискупот Стојанов рече: Благодарен сум на организаторот што ми е дадена можноста да ве поздравам вас во овој час кога се отвора една од изложбите посветена на големата жена – граѓанка на човештвото, света Мајка Тереза од Скопје. Како скопски бискуп, пастир на месната Црква, која ја дарува светата Жена, која сите ја нарекуваат со името Мајка, горд сум и благодарен за оваа привилегија денес да бидам со вас овде во центарот на Европа и да кажам барем неколку збора за Светицата од Скопје и Светицата на светот!

Да, Мајка Тереза е родена во Скопје во Македонија, тогаш релативно мал град, во работничко (занатечиско) семејство. Секој човек е никнат од еден корен и добро е кога расте со силата на јакиот корен. Таа е вкоренета во чесно, грижливо, скромно, автентично и христијанско семејство. Основно воспитание добива во школата на оците Исусовци, го запознава мисионерското дело на тогашните исусовци од Загребската провинција и почуствувала повик да појде во мисии и тоа токму во Индија, Бенгали, тамошното подрачје на делување на оците исусовци.

„Познати ни се понатамошните патувања на чудесниот живот на младaта сестра од Лоретското општество, до оној час кога почуствувала дека е повикана на нешто поконкретно, поитно, поважно, а тоа е да се биде близок на најсиромашните меѓу сиромашните. Својата служба за помагање на оние кои се отфрлени, отпишани токму од сите, а тоа се сиромасите кои умираат на улица. Имала внатрешен порив да покаже достоинство на човекот кој е отфрлен и газен целиот живот, и да умре барем со свесност за својот човечки живот. Не и било тешко во патникот – кој умира и сиромавиот – да го препознае лицето на оној „Бог, кој стана човек“, а тоа е лицето на Исус од Назарет.“

„Второ што би истакнал е да се ЖИВЕЕ ЉУБОВТА. Во матно време кога срцата помалку се сушат и крвта оладува нема живот, затоа што нема љубов. Но, љубовта која не е жртва и не е љубов. Вредноста која ништо не кошта и не е вредност. Љубов е да се дава, да се дава од себе и на крај да се потрошиш самиот. Најголема болест за која нема лек не е физичката, туку духовната: да не љубиш и да не бидеш љубен! Денес големиот дел од човештвото е мумија, многу убаво насликана, но без срце. Мајката засветли како една од многуте ѕвезди – кои секој ги памети во своите животи – а тоа е ѕвездата на љубовта. Тешко на нас ако немаме во животот таква ѕвезда на своето небо. Мајка Тереза јасно засветела, затоа што многу се давала – потполно се давала – да се љубат најмалку љубените, а тоа се сиромашните.“

Горд сум што понесе здрави корени од здраво семејство од Скопје. Европа со своите корени наследува христијанска култура. Кога тој корен би се пресекол, Европа би се осушила, затоа што без корен нема стебло, а уште помалку плодови. Ако христијанството во Европа е уморно, мора да се обновува. И оваа изложба е порака за обнова. Мајка Тереза е наша современичка. Но формацијата за вредностите е важен фактoр за плодовите. Тоа е формацијата во семејствата, училиштето и општеството. Ако тие три фактори не се во согласност, тогаш нема интегрално воспитување, нема здраво општество.

Нека не ми замерат, зборувам како католички бискуп, има вредности со кои не може да се тргува. Има вредности кои се вечни, има вредности, кои ако се напуштат, човекот престанува да биде човек. Станува суво стебло. Затоа очите на целиот свет ја забележиле големината на оваа – инаку по раст – мала жена. Не тргувала со вредностите, не ги менувала евангелските принципи, останала верна на човекот за да може да биде верна на Бог! Тоа ја направи да биде  универзална светица на светот, а на нас ни останува да се гордееме и да ја наследуваме нашата најславна и најголема сограѓанка на Скопје.

Два детала од нејзиниот живот: За своите сираци просела од секој за кој претпоставувала дека би можел да помогне. Еднаш со едно изгладнето дете пристапила до некој трговец со прашањето: Имате ли нешто за ова дете? Трговецот луто плукнал во лицето на Мајка Тереза. Таа одговорила мирно: Благодарам, тоа е за мене, а сега ве прашувам што ќе дадете за ова дете? Како ние би се однесувале во тој момент? Втор настан. Мајка Тереза чекала на една автобуска станица во Рим. Поминал некој таксист и прашал: Мајко сакате да појдете некаде? Таа мирно одговорила: Да, во рајот. Ете, тоа е Мајка Тереза. Во човекот го сретнувала Бог, а правејќи добро ја подготвувала картата за во небо. Такви се светците.

Благодарен сум за овие убави моменти. Да, на Европа ваква, каква што е сега има потреба од срцето на една Мајка Тереза за да опстане и остане Европа доследна на својата култура – затоа што културата е плод на духот – а Мајката нѐ потсетува дека сме душа! – рече бискупот Стојанов.

На овој настан свој придонес со песна даде хрватаската музичка група Емануел.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот