Папата: Во Црквата нема блиндирани врати
Како што секогаш и ширум е отворена вратата на Божјото милосрдие за нас така нека и вратата на нашите срца, заедница, бискупија, парохија и црква бидат отворени за сите кои на нив ќе зачуваат – е мислата на Светиот Отец од катехезата за време на Генералната аудиенција на 18 ноември на плоштадот Свети Петар.
Доаѓаме до прагот на самиот Јубилеј, кој е блиску. Пред нас е големата врата на Божјото милосрдие, но потребно е и малку храброст за да го поминеме прагот. Секој од нас во својата внатрешност носи работи кои го притискаат. Сите сме грешници. Да го искористиме овој момент и да го поминеме прагот до милосрдието на Бог Кој никогаш не се изморува да простува и да очекува; Кој нè гледа и секогаш е со нас – повика папата Фрањо.
На синодата за семејството самите семејства како и останатите и целата Црква примија голем поттик и охрабрување за средба на прагот на оваа врата. Црквата е поттикната да ја отвори својата врата и со Господ да излезе кај синовите и ќерките кои се на пат – понекогаш несигурни; а понекој пат изгубени – во овие тешки времиња. Христијанските семејства посебно се поттикнати да ја отворат вратата на Господ Кој чека за да влезе и Кој им го носи својот благослов и пријателство – рече Папата.
Ако секогаш е отворена вратата на Божјото милосрдие тогаш и вратите на нашите цркви, заедници, парохии, институции, бискупии исто така треба да бидат отворени за сите да излеземе и да го понесеме тоа Божјо милосрдие. Јубилејот значи отворена врата на Божјото милосрдие, но и отворена мала врата на нашите цркви за Господ да влезе или излезе Тој Кој толку пати е заробеник на нашите структури, нашиот егоизам и многу работи – рече Светиот Отец
Читајќи ги редовите од книгата Откровение: „Ете стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене“ (Отк 3, 20), папата Фрањо објасни како Исус никогаш не влегува на сила; и Тој самиот бара дозвола за влез. Да го замислиме како чука пред вратата на нашите срца. Во истата Книга за Божјиот град се вели дека портите во текот на денот нема никогаш да му се заклучуваат што значи дека секогаш ќе останат отворени, оти таму нема повеќе да има ноќ (Отк 21, 25) – објасни Римскиот бискуп.
Има места каде што вратата никогаш не е заклучена, но има и многу други во кои блиндираната врата станала „нормална“ појава. Никогаш такво нешто да не направиме во животот, во своето семејство, градот и општеството – а не во животот на Црквата. Негостуљубивата Црква како и семејството кои се затворени во себе го умртвуваат Евангелието и го „исушува“ светот. Вратата на Црквата никогаш да не биде затворена – истакна папата Фрањо.
Вратите секако дека се потребни заради заштита, но не и заради одбивање. На вратата не се влегува насилно, туку се бара дозвола. Вратата често се отвора за да видиме дали некој чека надвор, а можеби не се осудува или пак нема сила да затропа. Колку ја изгубиле довербата и храброста да затропаат на вратата на нашето христијанско срце и на нашите цркви и остануваат надвор обесхрабрени. Тоа повеќе нека не се случува – посака Папата.
Вратата многу зборува за самата куќа, но и за Црквата. Службата портир бара внимателно пресудување, но во исто време треба да се вдахнува и довербата – рече Светиот Отец, заблагодарувајќи се потоа на сите портири на Црквите и граѓанските институции додавајќи дека често внимателноста, љубезноста и насмевката на човекот кој ја врши таа служба – веќе на самиот влез – ја покажува сликата на човечноста на прифаќање на целата куќа – рече папата Фрањо.
Добро знаеме дека сме чувари и службеници на Божјата врата – која е самиот Исус –ние самите. Тој самиот вели: Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси;и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде (Иван 10, 9). Божјото стадо е засолниште, а не затвор! Крадците се тие кои не влегуваат низ вратата, бидејќи имаат лоши намери и бесшумно влегуваат во трлото меѓу овците за да ги заведат и да ги искористат – рече Папата.
Наше е да одиме пред вратата и да го слушаме Исусовиот глас; тогаш сигурно сме спасени. Можеме да влеземе без страв и да излеземе без опасност. Во тој прекрасен Исусов говор се спомнува и „чувар“ чија задача е на Пастирот да му отвори (Ив 10, 2). Ако чуварот го чуе гласот на Пастирот тогаш ја отвора вратата и ги пушта да влезат сите овци кои Добриот Пастир ги води вклучувајќи ги и оние кои се загубиле во шумата и кои Добриот Пастир ги бара. Не ги избира чуварот овците, туку Добриот Пастир. Сите овци се повикани во трлото и ги избира Добриот Пастир. Чуварот само го слуша гласот на Пастирот. Така, ете можеме да кажеме дека сме како тој чувар. Црквата е портирка на Господовата куќа, а не нејзина господарка – објасни Светиот Отец.
Светото назаретско семејство добро знае што значи отворена и затворена врата, за оној кој очекува дете; и кој нема засолниште или бега од погибел. Нека христијанските семејства од секој праг даваат мал знак на вратата на големото Божјо милосрдие; како прифаќање на Бог Кој не ти затвора врата пред лице со извинување дека не припаѓаш на куќата. Нека големата врата на Божјото милосрдие и вратата на нашето срце бидат отворени – дали за да го прифатиме Божјото простување, или самите да им простиме на другите и да ги прифатиме сите кои тропаат на нашето срце – рече папата Фрањо.
Напоменувајќи потоа дека за два дена се обележува Светскиот ден на правата на децата истакна дека е должност сите деца да се заштитат од секој облик на ропство, злоупотреба или отфрленост. Сакам меѓународната заедница внимателно да бдее над животните услови на децата посебно таму каде што се злоупотребуваат во разни вооружени гупи; како што може да помогне и на семејства за секое момче и девојче да имаат загарантирано право на посета на училиште и образование – рече.
Папата кажа дека на 21 ноември Црквата си спомнува на Воведувањето на Марија во храмот и по тој повод верниците ги повика на благодарност за звањето на толку луѓе кои се во манастирите и пустините, го посветиле својот живот на Бог. За да можат да продолжат со вршењето на своето важно послание во делотворната тишина нека не им недостасува нашата духовна и материјална близина – посака Папата кој на крајот посебно ги поздрави младите, болните и нововенчатите парови.
„Драги малди и студенти сведоштвото на апостолите кои сè оставиле за да Го следат Исус нека и во вас ја зачне желбата за со својата сила да Го љубите и наследувате; драги болни славните страдања на свети Петар и Павле нека во животот ви бидат утеха и надеж во вашиот придонес; драги нововенчани сопружници нека вашиот дом биде храм за онаа Љубов од која нас никој не може да нѐ раздели – посака на крајот Светиот Отец.
РВ/к.мк/Д.И.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк