Папата: Во секој брат и сестра да го откриеме Исусовото лице

Една недела пред апостолската посета на Латинска Америка папата Фрањо на народот во Еквадор, Боливија и Парагвај упати видео-порака во која им ја изразува својата близина и добродушност.

Една недела пред апостолската посета на Латинска Америка папата Фрањо на народот во Еквадор, Боливија и Парагвај упати видео-порака во која им ја изразува својата близина и добродушност. Сакам да бидам со вас да ги делам вашите грижи, да ви ја изразам својата приврзаност и близина и со вас да се радувам – рече Папата. Сакам да бидам сведок на евангелската радост и да ви ја донесам Божјата благост и нежност – особено на оние во потреба: старите луѓе, болните, сиромасите; сите жртви од културата на отфрлање.

Љубовта на милосрдниот Отец ни овозможува во секој брат и сестра да го откриеме лицето на Неговиот Син Исус. Потребно е само да му се приближиме, да им бидеме ближни. Како што Исус му рекол на младото момче кој му е ближен: оди постапувај како добриот Самарјанец; биди близок, немој само да поминеш.

Во текот на ова патување ќе посетам три сестрински држави на американскиот континент. Верата која сите ја делиме е извор на братство и солидарност, гради населби, го обликува семејството, негува хармонија и поттикнува желба и залагање за мир – рече Светиот Отец.

Во овие денови пред нашата средба Му благодарам на Бог, на вас и ве молам да бидете постојани во верата, за да го имате пламенот на љубовта, милосрдието и да се држите до надежта која никогаш не разочарува. Ве поттикнувам да ги соедините своите молитви со моите за навестувањето на Евангелието да стигне и во најдалечните подрачја и вредностите на Царството небесно да продолжат да бидат квасец на земјата и во нашите денови – рече Папата, препорачувајќи ги во застапувањето на Блажена Дева Марија, додаде: Ви благодарам, се гледаме наскоро и ве молам не заборавајте да молите за мене.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот