Папата: Бог се среќава на нозе, во тишина и во излегувањето

Животот на христијаните може да се сумира во три положби: да се стои „на нозе“ за да се прифати Бог, да се биде трпелив во „тишина“ за да се слуша неговиот глас и да се биде „во излегување“ за да се навести на другите – рече папата Фрањо на светата Литургија на 10 јуни 2016 година во домот Света Марта.

Без разлика дали се работи за грешник кој се покајал и одлучил да започне од ново со Бог, или за избран човек кој му го посветил животот на Бог, ранливи сме на „стравот“ дека нема да успееме, што може да води до „депресија“ кога верата станува замаглена.

На нозе и на патот

Потсети на состојбата во која се најде загубениот син, како и на ситуацијата на пророкот Илија за која зборува денешното литургиско читање. Пророкот Илија – победникот кој толку се борел за верата, кој поразил стотина идолопоклоници на Кармел – повторно го погодуваат прогони. Тој обесхрабрен паѓа под стеблото чекајќи ја смртта, но Бог не го остава во таа состојба, туку му испраќа ангел со заповед: Стани, јади, оди.

За да се сретне Бог – рече Папата – потребно е да се врати на состојбата во која човекот бил во моментот на создавањето: на нозе и во одење. Така Бог го создал: возвишен на своја слика и образ и во одење: „Оди, оди напред! Обработувај ја земјата, направи да расте; и множи се…“ Бог на Илија му порачал: „Излези! Оди на гората и остани таму во моето присуство.“ И Илија станал и отишол.

Тишина

Треба да се излезе и потоа да се слуша Бог. Но, како можеме да го сретнеме Господ и да бидеме сигурни дека е Тој? – праша Светиот Отец. Книгата царства нуди одговор. На Илија ангелот го испраќа на планината Хорив каде што тој наоѓа засолниште и го чека Божјото присуство. Меѓутоа на излегување од засолништето не го допрел ниту бурниот ветар кој „ридови урива и соборува карпи“, ниту земјотресот после тоа, ниту огнот.

Толку врева, толку многу величие, големо движење, а Господ не бил во тоа. А по пламенот следувал „здив од тих ветар“ и во него бил Господ. За да се сретне Господ потребно е да се влезе во себе и да се почувствува „нишка од звукот на тишината“ за кој тоа ни зборува – рече Папата.

Послание

Третото барање на ангелот било: „Излези!“ Пророкот е повикан да се врати во пустината затоа што ќе му биде доверено послание кое треба да се изврши. Во тоа – истакна папата Фрањо – се покажува поттикот за „да бидеме во одење, не затворени, не во внатрешниот сопствен егоизам и удобност“, туку „храбри“ донесувајќи им ја на другите Господовата порака“: тоа е поттик за да одиме „во мисија.“

Секогаш треба да го бараме Господ. Сите знаеме дека постојат лоши моменти: моменти кои нè влечат кон долу, моменти без вера, мрачни во кои не го гледаме хоризонтот, не можеме да станеме. Сите тоа го знаеме! Но, Господ доаѓа, нè обновува со лебот и со својата сила и ни говори: Стани и оди напред! Оди! За да го сретнеме Господ треба да бидеме такви: на нозе и во одење. Потоа да чекаме тој да ни проговори со отворени срца. Тој ќе ни каже: Јас сум и верата ќе ни ја зацврсти. Дали верата е за мене за да ја чувам? Не! Таа е за да одам напред и ја дарувам на другите, да помагам на другите, за мисија“ – рече на крајот Светиот Отец.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот