Оче не давај да паднеме во искушението на обесхрабреноста
Светиот Отец на светата Литургија со клерот, луѓето со посветен живот и семинаристите на стадионот Венусијано Каранса зборуваше за молитвениот живот; за тоа како клерот, монасите и монахињите се повикани на божествен живот. Зборуваше за искушението на обесхрабреност и мрзеливост.
Светиот Отец на 16 февруари служеше света Литургија на стадионот Венусијано Каранса со епископите, свештениците, семинаристите и со луѓето со посветен живот. Неговата проповед ја пренесуваме во целост:
Постои поговорка меѓу нас која вели: „Кажи ми како се молиш, а јас ќе ти кажам како живееш; кажи ми како живееш а јас ќе ти кажам како се молиш;“ затоа што покажувајќи ми како се молиш ќе научам да го откривам живиот Бог и покажувајќи ми како живееш ќе научам да верувам во Бог на Кој се молиш затоа што нашиот живот зборува за молитвата и нашата молитва зборува за нашиот живот. Се учиме да молиме како што се учиме да одиме, да зборуваме, да слушаме. Училиштето на молитвата е училиште на животот и училиштето на животот е местото каде што го посетуваме училиштето на молитвата.
Свети Павле на својот сакан ученик Тимотеј кога го учел или поттикнувал да ја живее верата му зборувал: Сети се на својата мајка и својата баба. А студентите кога влегуваа во семинарија многу пати ме прашуваа: „Оче би сакал да молам подлабоко, повеќе мисловно…“ „Гледај да продолжиш да молиш како што те научиле дома. А потоа постепено твојата молитва ќе расте, како што расте и твојот живот.“ Да се моли се учи, како што е и со животот.
Исус сакал своите да ги воведе во таинството на животот, во таинството на својот живот. Им покажал јадејќи, спиејќи, оздравувајќи, проповедајќи, молејќи се што значи да се биде Син Божји. Ги повикал да учествуваат во Неговиот живот, неговата интимност, а додека биле со него овозможува во неговото тело да го допрат живиот Отец. Овозможува да искусат во својот поглед, во своето одење, сила и новост да можат да говорат: „Оче наш.“ Во Исус тој израз – „Оче наш“ – нема „вкус“ на рутина или повторување. Напротив има вкус на живот, искуство на автентичност. Знаел како да живее молејќи и молејќи да живее говорејќи: „Оче наш.“
Нас нè повика да го правиме истото. Нашиот прв повик е да го стекнеме искуството на милосрдната љубов на Отецот во својот живот; во својата историја. Неговиот прв повик е да научиме да кажеме „Оче наш“, како што Павле инсистирал „Ава“ (Татко). „Тешко мене ако не го проповедам Евангелието!“ Павле вели: Тешко мене! Затоа што да се евангелизира – продолжи Папата – не е чест туку потреба (1Кор 9, 16).
Нè повика да учествуваме во неговиот живот, во божествениот живот: тешко на нас, монаси, монахињи, свештеници, богослови, епископи – тешко на нас ако не го делиме тоа искуство; ако не сме сведоци на она што сме го виделе и слушнале, тешко на нас. Не сме ниту сакаме да бидеме обични божествени вработени; не сме ниту сакаме некогаш да бидеме обични вработени во „Божјата компанија“ затоа што сме повикани на учество во неговиот живот; повикани сме да влеземе во своето срце, во срце кое моли и живее говорејќи: „Оче наш.“ А што е посланието, ако не зборуваме со својот живот – од почеток до крај, како нашиот брат епископ кој умре минатата ноќ (еден епископ навистина починал во текот на ноќта пред вчерашната света Литургија и Папата го спомна, но не го спомна со име) – што е посланието ако со својот живот не говориме: „Оче наш?“
Затоа на нашиот Отец му се обраќаме секој ден молејќи му велиме во некоја ситуација: „не давај да паднеме во искушението.“ Самиот Исус тоа го правел. Се молел за да ние, неговите ученици – вчерашни и денешни –не паднеме во искушение.
Кое искушение може да нè искористи? Кое искушение може да ни се јави не само во согледувањето на реалноста, туку и во живеењето на истата? Кое искушение може да ни дојде од опкружувањето во кое често владее насилството, корупцијата, трговијата со дрога, презир кон достоинството на човекот, рамнодушноста пред страдањето и несигурноста? Кое искушение може секогаш одново да ни дојде – ние кои сме повикани на посветен живот, на свештенство, на епископство; кое искушение можеме да го имаме пред сето тоа, пред реалноста која изгледа како да станала неподвижен систем?
Мислам дека би можеле да резимираме во еден збор: обесхрабреност. И пред него може да нè совлада еден од омилените ѓаволски трикови: обесхрабреноста – знаеме да кажеме: „А што можеме да направиме? Животот е таков!“ Малодушноста нè парализира, ни пречи не само да одиме напред, туку и да го покажеме патот; не само што нè плаши, туку и нè затвора во нашата „сакристија“ и привидната сигурност; малодушноста која не само што нè спречува да навестуваме, туку ни пречи и да славиме: ни ја одзема радоста, радоста на благодарноста. Малодушноста не ни пречи само во планирањето, туку нè задржува да не „ризикуваме“ и да ги промениме работите. Заради тоа: Оче наш не давај да паднеме во искушение.
Колку е добро што во време на искушение можеме да се сеќаваме! Како што ни помага да го гледаме „дрвото“ (крстот) преку кое сме создадени. Не започнало сè со нас, а ниту да завршинема сè со нас; заради тоа колку е добро да ја обновиме историјата која нè донесе до овде.
Во тоа присетување не можеме да занемариме некој, кој многу го сакал ова место, кој станал син на ова земја. Некој кој за себе знаел да каже: „Ме земавте од правниот систем и ме поставивте за поглавар над свештенството заради моите гревови. Мене бескорисниот и неспособниот да носам толку тежок товар; мене кој не знаев да ги користам веслата – мене ме избравме за прв епископ на Мичоакан“ (Васко Васкез де Кирог, Пасторално Писмо 1554)
„Сакам со вас да се присетам на овој евангелизатор познат и како „Татко Васко“ како „Шпанец кој станал Индијанец“. Реалноста која ја живееле Индијанците Пурхепехасги опишал како „продадени, понижени и бездомници кои скитале по улиците, собирајќи парче леб од земјата“, не само што не се станал мрзелив и обесхрабрен, туку напротив уште повеќе сезацврсти неговата вера, му го придвижи животот, му го трогна срцето и го поттикна на остварување на разни иницијативи кои биле како „свеж воздух“ среде таа реалност, толку парализирачка и неправедна. Болката и страдањето на неговите браќа и сестри станале молитва, а молитвата го довела до одговорот. Така меѓу индијците го добил името „Татко Васко“.
Тоа е молитвата; тоа е сведоштвото на кое нè повикува Исус. Оче, тато, Ава не дозволувај да паднеме во искушението на обехрабреноста; не давај да паднеме во искушението на мрзеливоста; да не паднеме во искушението на губење на сеќавањето, не дозволувај да заборавиме на своите претходници кои со својот живот нè научиле да кажеме: „Оче наш.“
РВ/к.мк/Д.И.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк