Од проповедта на папата Фрањо: Не нѐ спасува законот, туку Божјото милосрдие

Нема да нѐ спаси сигурноста дека ги почитуваме заповедите, туку понизноста и свеста дека ни е потребно Божјото спасение – е пораката на Папата во проповедта на светата Литургија на 24 март во капелата на домот Света Марта.

„Ниеден пророк не е омилен во земјата своја“ – коментирајќи го тоа Исусово тврдење упатено до жителите во Назарет, пред кои не можел да прави чуда затоа што „не верувале“, Папата рече дека Исус потсети на два библиски примера: очистувањето од лепра на Нееман Сириецот и средбата на пророк Илија со вдовицата во Сарепта Сидонска. Лепрозните и вдовиците во тоа време биле на маргините на општеството. А сепак тие двајца маргинализирани биле спасени, затоа што го прифатиле пророкот,. Напротив, жителите во Назарет не го прифатиле Исус, затоа што се надевале на својата вера, биле сигурни во своето почитување на законите и сметале дека тоа ќе ги спаси – истакна Светиот Отец.

Таа драма го објаснува законот без вера: „Јас сам се спасувам, затоа што секоја сабота одам во синагога, настојувам да живеам по законот, и никој нека не ми зборува дека тој лепрозен и таа вдовица се подобри од мене! Тие биле маргинализирани. А Исус ни вели: „Ако не се „маргинализираш“; ако не се почувствуваш на маргините, нема да стекнеш спасение.“ Ова е понизност, ова е патот на понизноста: да се почувствуваме така маргинализирани, дека имаме потреба од Божјото спасение. Само Тој спасува, а не нашето почитување на законите. Исусовите слушатели со тоа не биле задоволни, се разлутиле и сакале да го убијат – рече папата Фрањо.

Во почетокот и Нееман се разлутил, затоа што го сметал за смешен и понижувачки повикот на Елисеј седум пати да се избања во Јордан, ако сака да оздравее од лепрата. „Бог од него го бара тој гест на понизност, да послуша како дете, да биде смешен“ – рече Светиот Отец. Тој налутен си отишол, но по убедувањето од неговиот слуга, се вратил и направил тоа што го барал пророкот. Ова е денешната порака, во третата недела од постот: ако сакаме да бидеме спасени тогаш треба да го избереме патот на понизноста – објасни Папата додавајќи:

Марија во својата молитва „Велича“ не говори дека е задоволна затоа што Бог погледнал на нејзината девственост, добрина и убавина, на нејзините доблести кои ја красиле, туку што погледнал на понизноста на слугинката своја, на нејзината маленкост. Бог на тоа гледа. Да се стекнеме со таа мудрост да се „маргинализираме“, за Господ да нѐ погледне. Нема да нѐ најде во центарот на нашите сигурности, најверојатно не. Таму Господ не е ѕирка. Ќе нѐ најде на маргините, во нашите гревови, во нашите грешки, во нашите потреби за духовно здравје, за да бидеме спасени; Господ ќе нѐ најде на маргините – рече Светиот Отец и продолжи:

Тоа е патот на понизноста. Христијанската понизност не е во говорот: „Но, јас не сум за ништо“ – и во тоа ја сокриваме својата гордост; христијанската понизност не е во тоа туку во признавање на вистината: „Јас сум грешник“ и „Јас сум грешница“ – тоа е нашата вистина, а другата е: Бог нѐ спасува. Но спасува кога сме маргинализирани; не нѐ спасува во нашата сигурност. Да молиме за милост за да ја стекнеме таа мудрост на „маргинализирање“, милоста на понизност за да го прифатиме Божјото спасение – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот