Од проповедта на Папата: И тажалките во мрачните моменти стануваат молитва

И тажалката во мрачните моменти станува молитва, но, да внимаваме на „театараските тажалки“, рече папата Фрањо на светата Литургија на 30 октомври во домот Света Марта, размислувајќи за читањето каде што Јов го проколнува својот живот. Папата затоа се сети и на оние кои минуваат низ „големи трагедии“ како христијани прогонети заради својата вера.

Јов бил ставен на искушение, „го изгубил целото семејство, ги изгубил сите добра, го изгубил здравјето и целото негово тело станало одвратна лепра.“ Во тие моменти „губи трпение и онака зборува“ – го проколнува својот живот – „Но, тој научил секогаш да ја говори вистината и таа била вистината која што во тој момент ја почувствувал“, рече Папата, потсетувајќи на Јеремија, кој ги користел скоро истите зборови: Проклет да е денот кога се родив. Меѓутоа, дали тоа било богохулење? – праша Папата – Дали овој човек кој така останал сам хули? – праша Светиот Отец и објасни:

„Кога Исус извикал: Оче, зошто ме остави! – дали хулел? Тоа е таинството. Толку пати сум слушнал луѓе кои живееле во тешки, тажни ситуации, кои токлу многу изгубиле или се чувствувале сами и напуштени и се пожалиле со прашањето: Зошто?! Зошто?! Се бунат против Бог. А јас велам: Продолжи да молиш така бидејќи и тоа е молитва. Кога Исус кажал на Својот Отец: Зошто ме остави?! – тоа било молитва. И тоа што Јов го направил било молитва, бидејќи да молиш значи да бидеш во вистината пред Бог“, објасни папата Фрањо. „Јов не можел да моли поинаку… вистинската молитва доаѓа од срцето, од моментот во кој се живее. Тоа е молитвата во моментите на темнина, во моментите на животот кога недостасува надежта, кога не се гледа хоризонтот. Многумина денес се во состојбата во која бил Јов. Толку добри луѓе како Јов не разбираат зошто тоа им се случило. На многу браќа и сестри им недостасува надежта“ – рече Папата и продолжи:

Да помислиме на големите трагедии, на пример оние на нашите браќа кои се прогонети заради тоа што се христијани и оставени без ништо: Но, Господи јас Ти поверував. Зошто? Дали да се верува во Тебе е проклетство, Господи? – би можеле да се прашуваат, рече Папата. А ние, „без болести, глад, важните потреби“ – опомена Светиот Отец – „кога сме потиштени, веруваме дека сме маченици и престануваме да молиме“ – има и такви кои велат: Бесен сум на Бог, нема повеќе да одам на Литургија! – А зошто? праша Папата. Заради некои мали работи? Папата Фрањо потсети на света Тереза на детето Исус во последните денови од животот. „Сакала да мисли на небото, но, слушнала нешто како глас кој и зборувал: Не биди будалеста, немој да фантазираш. Знаеш што те чека? Ништотија! Меѓутоа, Света Тереза молела и барала сила за да оди напред низ темнината. Тоа се вика влез во трпението – нагласи Папата, додавајќи: Нашиот живот е премногу лесен, нашите тажалки се тажалки од театар, во споредба со тажалките на толку браќа и сестри кои се во темнина; кои речиси ја изгубиле надежта и се прогонети и од самите себе во ништавило. „И Исус го поминал тој пат: од ноќта на Маслиновата гора до последните зборови на крстот: Оче, зошто ме остави?!“

Две работи можат да ни послужат – советуваше на крајот Светиот Отец – прво, да се подготвиме за доаѓањето на темнината и второ, да молиме како што моли Црквата, за толку браќа и сестри кои трпат протерување од себе самите, во темнина и страдање. Тоа е молитвата на Црквата за тие „Исусови страдалници“ кои се насекаде – рече на крајот Папата.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот