Објавен новиот статут на Дикастеријата за промовирање на улогата на верниците лаици, семејството и животот, која папата Фрањо ја основа во 2016 година.
На 8 мај 2018 година, во Ватикан е објавен новиот статут на Дикастеријата за лаиците, семејството и животот. Во таа институтција, која ја основа папата Фрањо со моту проприо „Sedula Mater“ од 15 август 2016 година, се обединија надлежностите и должностите кои му припаѓаат на Папскиот совет за лаици и Папскиот совет за семејството, кои повеќе не постојат. На новата дикастерија е „припоена“ и Папската академија за живот, така таа има директна врска со Папскиот теолошки институт Иван Павле II за студии за бракот и семејството.
Дикастеријата повеќе нема да биде поделена на три оддели
Првата новост на статутот – кој стапува на сила на 13 мај на празникот Пресвета Богородица Фатимска – е тоа што дикастеријата повеќе не е поделена на три оддели, иако има повеќе надлежности. Освен тоа исто така се потсетува дека според начелата на колегијалност, синодалност и супсидијарност, таа институција одржува врска со епископските конференции, локалните Цркви и црковните тела, промовирајќи меѓу нив размена и пружејќи своја соработка за да се промовираат вредностите и иницијативите поврзани со темите кои се во надлежност на делувањето на дикастеријата.
Промовирањето на верниците лаици во Црквата и во светот
Меѓу останатото во статутот се истакнува дека дикастеријата поттикнува и поддржува промовирање на звањето и посланиете на верниците лаици во црквата и во светот, и тоа на поединци, оние кои се или не се во брак, како и членовите на здруженија, движења и заедници и поттикнува кај верниците лаици свест за соодговорност, преку силата на крштението, за животот и посланието на Црквата во согласност со различните харизми примени заради заедничкото градење.
Улогата на младите
Новиот статут подобро го одредува и вниманието на дикастеријата кон младите промовирајќи ја нивната улога во предизвиците на денешниот свет… Важен момент на неговата активност на пример е подготовката на Светскиот ден на млади.
Маж-жена: специфичност, комплементарност, еднакво достоинство
Во новиот статут се истакнува дека дикастеријата се зазема во основното размислување за односот помеѓу мажот и жената во согласност со нивните специфичности, взаемноста, комплементарноста и еднаквото достоинство. Вреднувајќи го женскиот „гениј“ дикастеријата дава свој придонес во црковното размислување за идентитетот и посланието на жените во црквата и во општеството промовирајќи го нејзиното учество – е истакнато во документот.
Пасторалната грижа и правата на семејството
Потоа се напоменува исто така дека во светло на папското учителство, дикастеријата промовира пасторална грижа за семејството, го штити неговото достоинство и доброто засновано на бракот, ги поддржува неговите права и одговорноста во Црквата и во граѓанското општество, за институцијата семејство да може подобро да ја извршува својата задача во црковната и во општествената средина. Притоа во документот се потсетува дека дикастеријата промовира конференции и меѓународни настани, меѓу останатите посебно Светската средба на семејства.
Внимание кон „нерегуларни“ состојби
Во статутот исто така се спомнува осмата глава од апостослкиот поттик „Amoris Laetitia“, и се истакнува пасторалната грижа на Црквата и за т.н. „нерегуларни“ состојби.
Заштита на животот од зачнувањето до природниот завршеток
Новиот статут на дикастеријата за лаици, семејство и за живот истакнува исто така дека таа институција поддржува и координира иницијативи во корист на одговорно создавање, како и за заштитата на човечкиот живот од неговото зачнување па сѐ до природниот завршеток, водејќи сметка за потребите на луѓето во различните периоди од развојот. Освен тоа, промовира и охрабрува организации и здруженија кои на жените и семејствата им помагаат да го прифатат и чуват дарот на животот, посебно во случаи на тешка бременост, и помагаат во спречувањето на абортус. Поддржуваат исто така програми и иницијативи насочени на помош на жените кои абортирале.
Нови идеологии
Врз основа на католичката морална наука и учителството на Црквата, дикастеријата проучува и промовира наобразба за важните проблеми на подрачјето на биомедицината, и правата кои се однесуваат на човечкиот живот, како и за идеологиите кои се развиваат, а се однесуваат на човечкиот живот и реалноста на човечкиот род – стои меѓу останатото во новиот статут на Дикастеријата за лаици, семејства и живот кој како и претходниот е прифатен „ad experimentum“.
РВ/к.мк