Папата пристигна во Унгарија

Папата пристигна во Унгарија

Во петок, на 28 април 2023 година, папата Фрањо пристигна во Унгарија, дестинацијата на неговото 41. Апостолско патување надвор од Италија.

Авионот Ербас А320 на Ита Ервејс со кој патува Папата слета на меѓународниот аеродром на унгарската престолнина Ференц Лист во 9.53 часот, неколку минути порано од очекуваното.

Светиот Отец на аеродромот го пречека апостолскиот нунциј, монс. Мајкл Валас Банах и унгарскиот амбасадор во Светиот Престол, Едуард Хабсбург-Лотарингјаи. Папата потоа беше пречекан од унгарскиот вицепремиер Золт Семјен и момче и девојка облечени во традиционални народни носии кои на Папата му понудија леб и сол, симболи на животот, благословот и добри желби. Папата проба парче леб, што беше поздравено со аплауз. Десетици деца го поздравија Папата веејќи знамиња во боите на знамето на Ватикан и Унгарија. Потоа следуваше претставување на делегациите во ВИП салонот на аеродромот. По таа кратка средба, Папата се упати кон палатата Шандор, каде ќе се сретне со претседателката на Републиката Каталина Новак и со премиерот Виктор Орбан.

Потоа ќе замине во некогашниот кармелитски манастир, каде ќе го одржи својот прв говор, упатен до властите, граѓанското општество и дипломатскиот кор. Папата потоа ќе замине во Апостолската нунцијатура, која ќе биде домаќин за време на неговата тридневна апостолска посета. Попладне е закажана само една средба, во во базиликата Свети Стефан во 17.00 часот со епископи, свештеници, ѓакони, посветени лица, теолози и семинари и пасторални работници.

Авионот на Ита Ервејс со кој Папата патува за Унгарија полета од аеродромот Фиумичино во Рим во 08.21 часот. Пред да го напушти Домот Света Марта, Папата придружуван од префектот на Дикастеријата за милосрдие, кардинал Конрад Крајевски, се сретна со петнаесет бездомници кои живеат во близина на базиликата Свети Петар. За време на летот, тој се поздрави со 73 новинари и сниматели кои го придружуваат на неговата Апостолска посета на Унгарија.

Посетата на Папата може да се следи директно на YouTube каналот на Vatican News .

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот