Размислување според неделното Евангелие од Лука 18,10-14, наменето за Неделата на Митарот и Фарисејот
Неделата на митарот и фарисејот почнува да нѐ подготвува за почетокот на Великиот пост. Преку евангелското читања нѐ поттикнува да ја видиме и согледаме сопствената грешност и да го донесеме достојниот плод на покајание и пост.
Во ова неделно Евангелие ја слушаме параболата за митникот и фарисејот. „Два човека влегоа во храм да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник“ (Лука 18,10), ја започнува Господ својата парабола. И тука нема ништо чудно: затоа што овие двајца мажи дојдоа во храмот да се молат, кои сакаа да ги излеат своите срца и души пред Господа, како што правиме и ние. И тука не би имало ништо толку чудно и несфатливо доколку Господ не ни открише какви мисли и желби ги исполнувале нивните срца.
Пред нас стои митникот. Неговата искрена молитва, полна со понизност и покајание, која е многу драга на Бога. А фарисејот е полн со гордост и ароганција, неговата молитва е полна со презир и омаловажување кон другите. А тоа воопшто не му се допаѓа на Господа, затоа што со такивот став не се постигнува оправдување и милост, туку осуда и отфрлање од Бога.
Значи, да ги разгледаме подетално за да го разбереме значењето и природата на нивната молитва, нивната духовна состојба и да разбереме на што треба да внимаваме и што треба да правиме.
Фарисејската секта се спомнува некаде во втората половина на вториот век п.н.е. Тие отсекогаш делувале како верска партија која имала големо влијание врз народот. Фарисеите, оддалечени од световната власт, ја презеле службата на духовни водачи и ги насочија сите свои напори да постигнат вистинска духовна моќ. Пред доаѓањето на Исус Христос, оваа секта била најголема, со многу влијателни водачи кои ја чувале секоја буква од Мојсеевиот закон, заобиколувајќи го внатрешното значење на заповедите. Тие ја развиле идејата за нивната светост до тој степен, така што престанале да живеат според Законот и како резултат на тоа станале лицемери, себични, егоисти. Затоа Исус ги прекорува, бидејќи сакале да ги покажуваат своите дела: молитва, милостина и добри дела.
Митниците се собрачи на даноци за римските окупатори. Никој не ги почитувал и не ги сакал, бидејќи на разни начини изнудувале даноци за Рим од своите сонародници, заработувајќи и за себе. Кражба, измама, изнуда и насилство било нешто сосема нормално и својствено за нивната работа. Сите ги мразеле, а самиот поим „митар“ го поистоветувале со „грешник“ и „паган“.
И еден од овие митари доаѓа во храмот да се помоли. Не влегува потполно, туку стои на влезот. Страдањата на неговата душа го соборува, не дозволувајќи му да ги крене очите. Удирајќи се во гради, изговара само шест збора: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот! (Лука 18,13).
И фарисејот доаѓа во храмот да се помоли. Давал многу милостина кога одел во храмот. Еден слуга одел пред него, викајќи гласно и ги повикувал оние кои сакаат лично да добијат милостина од рацете на најугледниот човек. Изгледот, ставот, говорот – сето тоа сведочело за неговата светост. Тој постел двапати во неделата, а десеток од својот имот давал на храмот. И овде на влезот гледа митар. И во душата на овој фарисеј има веќе одбивност кон овој човек. И како што Евреите не дозволуваа митарите да влезат во храмот, тој застанал пред него да им даде пример на сите луѓе што биле во храмот. Да, гордоста обично се покажува.
На лицето на митарот имало тага, а лицето на фарисејот зрачеше со самозадоволство. Молитвата на фарисејот била многу подолга од молитвата на митарот. Тој во својата молитва му благодари на Бога што не бил како другите грешници, нагласувајќи ги неговите крепости и добри дела, осудувајќи го митарот и другите, разбојниците, неправедните, прељубниците. И со чувство на гордост го напушти храмот, давајќи пример на луѓето. Но, дали е добар пример?
И тука Господ го покажува Својот став кон молитвата на митникот и фарисејот: фарисејот заминува осуден, а митарот оправдан. Срцето на митарот се потресе од сознанието за неговата грешност, а гордиот фарисеј не можеше да ги види неговите недостатоци, а ги имаше толку многу. И во својата молитва истакнува дека на Бога му навестува за неговата светост и праведност, дека не е како другите луѓе: разбојници, неправедни, прељубници. И тој не прима пофалба од Господа, туку осуда.
Драги браќа и сестри во Христа, има два пата пред нас: или ќе го следиме патот на фарисејот до нашиот сопствен мир, до надворешното величие, до сета гордост и ароганција по која толку копнееме; или да тргнеме по стапките на митарот со неговата искрена и скромна молитва, полна со покајание на срцето, со разбудена совест која ги спушта очите, удирајќи се во гради и моли за покајание и милост.
Патот на фарисејот е патот на земниот просперитет – пат што ќе доведе до пропаст; додека патот на митарот е горчлив и мрачен, кој ќе не води до изворот на светлината и вистината. Да го заобиколиме првиот пат кој нè води кон фарисејската гордост и ароганција, нè заслепува и нè води во пропаст. Зашто само слепите не го гледаат патот и се сопнуваат. А нашето слепило е што сите се сметаме за добри. Сè добро гледаме, добро сфаќаме, можеме да дадеме добар совет, а уште подобро да поучуваме. Единственото нешто што не можеме да го видиме е нашата грешност. Фарисејството е нашиот најголем грев, кој нè отфрла не само од Бога, туку и од нашиот ближен. Да се трудиме да ја оставиме нашата гордост и со понизност да дојдеме кај Христа, зашто само во Него ќе ја најдеме вистинската среќа, радост и добрина.