На Генералната аудиенција во среда Папата зборуваше за харизмите во Црквата
Во катехезата на Генералната аудиенција во сред која папата Фрањо ја одржа окотмври пред мноштво верници на плоштадот Свети Петар зборуваше за харизмите во Црквата.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Од самиот почеток Господ ја исполни Црквата со даровите на својот Дух, правејќи ја така секогаш жива и плодна со даровите на Светиот Дух. Меѓу тие дарови се истакнуваат некои кои се посебно скапоцени за изградувањето и одењето на христијанската заедница: станува збор за харизмите. Во ова катехеза да се прашаме: што е точно тоа харизма? Како можеме да ја препознаеме и прифатиме? И пред сè: треба ли фактот дека во Црквата постои разновидност и разноликост на харизми да ги гледаме во позитивна смисла, како нешто убаво или пак како некој проблем?
Во обичниот говор кога се зборува за „харизма“, под тоа се подразбира некој талент, некоја природна способност. Се вели: „Овој човек има посебна харизма за поучување. Има талент за тоа.“ Истото тоа за некој посебно сјаен и интересен човек се вели: „Тој е харизматичен човек.“ „Што значи тоа?“ „Не знаеме, но е харизматичен“. Така кажуваме. Не знаеме што зборуваме, но велиме: „Харизматичен е.“ Во христијанска перспектива, харизмата е многу повеќе од особина на човекот, некоја природна предност која некој може да ја има: харизмата е една милост, дар кој изобилно го дели Бог Отецот преку делувањето на Светиот Дух. И тоа е дар кој се дава на некој не затоа што е подобар од другите или затоа што тоа го заслужил: тоа е дар кој Бог му го дал, за со истата бесплатност и со истата љубов може да го стави во служба на целата заедница, за доброто на сите. Говорејќи на јазик разбирлив за човек би можеле да кажеме: „Бог ја дава таа особина, таа харизма на тој човек, но, не заради него самиот туку за да биде во служба на целата заедница.“ Денес пред да дојдам на плоштадот во салата Павле VI примив многу деца со тешкотии во развојот. Беа во голем број со едно здружението кое се посветува на грижа за тие деца. Што е тоа? Тоа здружение, тие луѓе, тие мажи и тие жени имаат харизма за грижа за деца со тешкотии во развојот. Тоа е една харизма!
Нешто важно што веднаш ќе го истакнам е фактот дека поединецот не може сам од себе да сфати дали има харизма и која харизма ја има. Толку пати сме слушнале луѓето да кажат: „Ја имам таа особина, знам многу убаво да пеам.“ И никој нема храброст да каже: „Дај подобро молчи, бидејќи сите се мачиме кога ќе почнеш да пееш!“ Никој не може да каже: „Јас ја имам таа харизма.“ Даровите со кои нè исполнува Отецот се јавуваат и цветаат внатре во заедницата: во крилото на заедницата се учи да се препознаваат како знак на Неговата љубов кон сите Негови деца. Добро е секој од нас да се преиспита: „Дали има некоја харизма која Бог ја всадил во мене, во милостите на својот Дух и која моите браќа во христијанската заедница ја препознале и ја поттикнале? И како се однесувам кон тој дар: дали го живеам великодушно, ставајќи го во служба на сите или го занемарувам и на крајот заборавам на него? Или пак тоа е нешто заради кое станувам замислен, па секогаш се жалам на другите и барам во заедницата да се работи онака како што јас сакам?“ Тие се прашања кои мора да си ги поставиме: постои ли некоја харизма во мене, дали таа харизма е призната од Црквата, дали сум задоволен со таа харизма или сум љубоморен на харизмите на другите па сакам да ја имам таа харизма. Харизмата е дар: само Бог ја дава!
Најубаво искуство сепак е да се открие со колку различни харизми и со колку дарови на Својот Дух, Отецот ја исполнува Својата Црква! Тоа не смее да се гледа како причина за конфузија, дезорентација: тоа се сите дарови кои Бог ги дава на христијанската заедница за да може да расте во согласност со верата и во Неговата љубов како едно тело, Телото Христово. Истиот Дух Кој ја дава таа различност на харизмите творец е на единството на Црквата. Тоа секогаш е истиот Дух. Гледајќи го тоа мноштво на харизми, нашето срце мора да се отвори на радоста и мораме да мислиме: „Колку тоа е убаво! Толку различни дарови, бидејќи сите сме деца Божји и сите нас нè љуби на единствен начин.“ Неволја е кога тие дарови ќе станат причина за завист, поделби, љубомора! Како што потсетува апостол Павле во своето Прво Послание до Коринтјаните во 12 глава, сите харизми се важни во Божјите очи и истовремено ниту една не е незаменлива. Тоа значи дека во христијанската заедница си требаме еден на друг и секој примен дар се остварува во полнина кога се дели со браќата, за доброто на сите. Тоа е Црква! А кога Црквата во разноликоста на своите харизми се изразува во заедништвото не може да се погреши: тоа е убавината и силата на она sensus fidei, она натприродно чувство на верата кое Светиот Дух го дарува за сите ние заедно да можеме да влеземе во сржта на Евангелието и да научиме да го следиме Исуса во нашиот живот.
Денес Црквата го слави празникот на света Тереза на Детето Исус. Таа светица која умрела на 24 години од животот и која силно ја љубела Црквата сакала да биде мисионерка, но, сакала да ги има сите харизми и зборувала: „Сакав да го направам ова, ова, ова,“ сакала да ги има сите харизми. И отишла да се помоли. Во молитвата почувствувала дека нејзината харизма е љубовта. И тогаш кажала прекрасна реченица: „Во срцето на Црквата јас ќе бидам љубовта“. И таа харизма ја имаме сите: способноста да љубиме. Да се молиме сите на света Тереза на Детето Исус за таа способност да ја љубиме Црквата, да ја љубиме многу, и да ги прифатиме сите оние дарови со таа љубов на синови на Црквата, нашата света хиерархиска мајка Црква.
РВ/Д.И.