Папата: Не можеме да љубиме само кога ни одговара

Папата: Не можеме да љубиме само кога ни одговара

Папата Фрањо во пораката која ја објави на својот профил на Твитер, на 19 ноември 2018 година истакнува дека вистинската љубов се покажува дури кога се дарува сè без резерва.

Не можеме да љубиме само кога ни одговара; љубовта се покажува токму над прагот на сопствената корист, кога се дарува сè без резерва – истакна папата Фрањо во пораката која ја објави на својот профил на Твитер, на 19 ноември 2018 година, повторувајќи ги така зборовите од катехезата одржана на Генералната аудиенција на 24 октомври ова година. Светиот Отец тогаш зборуваше за шестата Божја заповед која гласи „Не греши блудно“ од која произлегува непосредниот повик на верност. Навистина, ниту еден човечки однос не е вистински без верност и лојалност – истакна Папата.

На човечкото битие му треба безусловна љубов – рече Папата и додаде: A кој не ја прими во себе носи одредена неисполнетост, често и не знаејќи. Човечкото срце настојува да ја исполни таа празнина со замени, прифаќајќи компромиси и просечност кои имаат само блед вкус на љубов. Опасно е да се нарекуваат „љубов“ незрелите односи, залажувајќи се дека ќе најдеме светлост на животот во нешто што е во најдобар случај само нејзин одраз – истакна папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Таг: Твитер порака

Клучни зборови: папа Фрањо, твитер порака, љубов

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот