Молитвената накана на Папата за јули

За да можат пред општествените нееднаквости да ја посведочат љубовта кон сиромашните и да придонесат за создавање на братско општество – стои во молитвената накана за јули која ја посвети на христијаните во Латинска Америка.

Неколку дена пред поаѓањето на деветото апостолско патување овој пат во Еквадор, Боливија и Парагвај од 5 до 13 јули, папата Фрањо молитвената накана за овој месец ја посвети на христијаните во Латинска Америка. За да можат пред општествените нееднаквости да ја посведочат љубовта кон сиромашните и да придонесат за создавање на братско општество – стои во наканата на Папата.

А за очекувањата од посетата на папата Фрањо на Јужна Америка за Радио Ватикан преку телефон од Боливија зборуваше монс. Еугенио Скарпелини, епископ на Ел Алто град во кој Папата ќе слета на 8 јули, директно од Еквадор. Епископот изрази надеж дека во текот на патувањето Светиот Отец во спомнатите три латиноамерикански земји целиот свет ќе ја сфати пораката за големото внимание кон верниот народ. Станува збор за народ – рече епископот – кој сѐ уште треба да расте во достоинството, во совладувањето на тешкотиите, кризите и неправдите  кои постојат, но тоа е и народ кој со надеж гледа на иднината.

Напомнувајќи дека во центарот на патувањето на Папата темата е радоста, епископот рече дека Светиот Отец сака да дојде во тој дел од светот за да им биде близу, за да ги сфати нивните грижи, но и да им ја донесе радоста на Евангелието. Сака да биде пастир кој живее среде својот народ кој го познава не само од информациите кои пристигнуваат, туку сака да го погледне народот во лице; сака да ги види очите, изразот на лицето и од нив сака да го сфати нашиот живот во Боливија и да го внесе во тој живот својот збор, својата порака на надеж и радост – истакна епископот и изразувајќи голема радост заради тоа што Папата ќе слета во неговиот град. Тој нагласи дека тој е град кој пред 30 години имал 200 000 жители, а денес е повеќе од милион и педесет илјади. Тоа е град со големи периферни области во кои сѐ уште недостасуваат најосновните структури, а тоа значи дека има големи, многу загрижувачки општествени и животни проблеми.

Осврнувајќи се на молитвената накана на Папата за овој месец, за неговата желба, христијаните да придонесат за братско општество, епископот Скарпелини рече дека во Боливија се направени големи чекори за отстранување на нееднаквостите. Но, тие не можат да го одвратат погледот од реалноста која сѐ уште е многу загрижувачка. Има нееднаквости на ниво на економски разлики, меѓу богатите и сиромашните, на културно ниво, потоа што се однесува до пристапот на образованието, на нивото на здравството… Сите тие проблеми сѐ уште нè загрижуваат и сите нас како Црква нè поттикнуваат да ја сведочиме љубовта – истакна епископот.

Треба да се потсети дека Црквата во Боливија води бројни социјални дела, на услуга е на луѓето. Имаме повеќе од 1500 училишта. Имаме здравствени установи, центри за млади со инвалидитет, сиропиталишта, сето тоа е доверено на наша грижа. Црквата извршува многу големи работи, но таа за жал само е замена – истакна епископот и додаде дека се надева дека посетата на Светиот Отец ќе го разбуди целото општество што се однесува до тие реалности за – како што рече – да работиме заедно без размислување дали припаѓаме на Црквата или на граѓанското општество, дали сме приватни или јавни работници…

„Обнова и помирување“ е водечката мисла која ја одредивме за посетата на Папата – рече потоа епископот и објасни – Обновата се раѓа од желбата за промена на однесувањето, за внимание едни кон други, за надминување на карактеристиките и за чувството дека сме во различноста едни за други богаство. Помирувањето го избравме затоа што мораме да го ставиме на страна она што може да нè подели и тоа од културен, историски и верски аспект. Различностите и поделбите од минатото не смеат и понатаму да го рануваат нашето општество, нашата земја. Треба да имаме храброст и да гледаме напред и во Исус повторно да го откриеме чувството за взаемно простување за да ги обединиме силите и да одиме кон поправедно општество кое е достојно за секој човек кој живее во него – истакна на крајот епископот Скарпелини.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот