Молитва Ангел Господов: Бог е таму каде човекот доживува прогонство, отфрлање и напуштеност
Драги браќа и сестри, добар ден!
Оваа прва божиќна недела Литургијата нѐ повикува да го прославиме празникот на Светото Назаретско Семејство. Имено, сите јасли ни го покажуваат Исуса заедно со Марија и свети Јосиф, во витлеемската пештера. Бог сакал да се роди во човечко семејство, сакал, како и ние, да имаме мајка и татко.
Денешното Евангелие ни го претставува Светото Семејство на болниот пат на прогонство, присилени да се засолнат во Египет. Јосиф, Марија и Исус ги искусиле драматичните околности низ кои поминуваат бегалците, означени со страв, несигурност, неволја (Матеј 2,13-15. 19-23). За жал и денес милиони семејства можат да се препознаат во таа тажна реалност. Речиси секојдневно телевизијата и радиото ни пренесуваат вести за бегалци кои бегаат од глад, војни, други големи опасности, во потрага за сигурност и за достоинствен живот за себе и своето семејство.
Во далечни краеви, и кога наоѓаат работа, бегалците и мигрантите не наидуваат секогаш на правото на гостопримство и почитување на вредностите кои со себе ги носат. Нивните легитимни очекувања често се во судир со сложени и тешки ситуации кои понекогаш изгледаат дека се непромостливи. Затоа, додека го вперуваме погледот на светото Назаретско Семејство во моментот во кој е присилено на бегство, да се сетиме на драмата на оние мигранти и бегалци кои се жртва на отфрлање и искористување, кои се жртви на трговија со луѓе и ропска работа. Но, да се сетиме и на другите „бегалци„: јас би ги нарекол „сокриени бегалци“. Тоа се бегалци кои можат да се најдат и внатре во самите семејства: стари луѓе, пример, со кои се постапува како со тежок товар. Мислам дека многу пати показател на состојбата во семејството е начинот на кој се постапува со децата и старите.
Исус сакал да припаѓа на едно семејство кое поминува низ тие тешкотии, за никој да не се чувствува исклучен од Божјата грижлива близина. Бегството во Египет заради заканата на Ирод покажува дека Бог е таму каде што човекот е во опасност, каде што човекот трпи, каде што е прислен на бегство, каде што доживува отфрлање и напуштеност; но Бог е и таму каде што човекот сонува, се надева на враќање во татковината во слобода, планира и се определува за живот и достоинство, како за своето, така и за членовите на своето семејство.
Денес нашиот поглед на Светото Семејство исто така го привлекува и едноставноста на животот која ја живеале во Назарет. Тој пример е многу добар за нашите семејства и помага да станат сѐ повеќе заедница на љубов и помирување, во кое се доживува нежност, взаемна помош, меѓусебно простување. Да запамтиме три клучни зборови за живот во мир и радост во семејството: одобрување, благодарност и извинување. Кога членовите на семејството не се премногу наметливи и кога во него се бара „одобрување“, кога членовите на семејството не се егоисти и кога во него се влегува кажувајќи „благодарам“ и кога во семејството некој нејзин член запази дека направил нешто лошо и знае да побара „простување“ тогаш во тоа семејство владее мир и радост. Да ги запамтиме тие три збора. Можеме да ги повториме сите заедно: одобрување, благодарност, извинување. (Сите: одобрување, благодарност, извинување). Сакам исто така да ги поттикнам семејствата да станат свесни за важноста која ја имаат во Црквата и во општеството. Навестувањето на Евангелието, имено, поминува во секое семејство за да тоа допре до различните средини од секојдневниот живот.
Срдечно да ја повикаме Пресвета Марија, Мајка Исусова и наша Мајка и свети Јосиф, нејзиниот свршеник. Да ги молиме да ги осветлат, утешат, водат сите семејства во светот, да можат достоинствено и со радост да го исполнат посланието кое Бог им го доверил.
После Ангел Господов и Молитвата Свето Семејство
Драги браќа и сестри, претстојниот конзисториум и наредната Епископска синода ќе бидат посветени на темата семејство, а подготвителната фаза трае веќе долго време. Затоа денес, на празникот на светото Семејство, сакам да и ја доверам на Исус, Марија и Јосиф работата на Синодата, молејќи за семејствата од целиот свет. Ве повикувам во својот дух да ми се придружите во молитвата која сега ќе ја измолам:
Молитва за Светото Семејство
Исусе, Маријо и Јосифе, во вас гледаме сјај на вистинска љубов, со доверба ви се доверуваме.
Свето Назаретско Семејство, направи од нашите семејства место на заедништво и огниште на молитва, вистинско училиште за Евангелието и мала домашна Црква.
Свето Назаретско Семејство, никогаш повеќе во семејствата да не се случуваат насилства, затворање и поделби: секој оној кој е ранет или соблазнет брзо нека ја запознае утехата и оздравувањето.
Свето Назаретско Семејство, дади наредната синода повторно да пробуди на сите во свеста за светиот и неповредлив карактер на семејството, неговата убавина во Божјите мисли.
Исусе, Маријо и Јосифе, слушнете и услишете ја нашата понизна прозба.
Упатувам посебен поздрав до верниците кои се поврзни со нас од базиликата Навестување во Назарет каде престојува генералниот секретар на Епископската Синода; од Барселона, базиликата Свето Семејство (Sagrada Familia), каде престојува преседателот на Папскиот совет за семејство; од Лорето, Базиликата-светилиштето Света куќа. Го проширувам тој поздрав на верниците кои се во разни делови на светот собрани на прослава во чии центар е семејството, како оние во Мадрид. (…)
На сите посакувам среќен празник Свето Семејство, убава и пријатна недела и добар апетит! До видување!
РВ/Д.И.