Меѓурелигискиот дијалог  е најефекасен лек против релативизмот

Меѓурелигискиот дијалог е најефикасниот лек против релативизмот. Имено, во дијалогот е на прво место исповедувањето на сопствената вера. Дијалогот не може да се темели на лицемерието – пишува кардинал Жан Луис Туран во статијата објавена во ватиканскиот дневник Л’Осерваторе Романо.

Бев во Франција кога во Нормандија на варварски начин беше убиен свештеникот Жак Хамел додека служеше света Литургија. Франција два дена беше во очај: Медиумите постојано известуваа, а коментаторите ја истакнуваа потребата од дијалог меѓу луѓето со различна вера. Сите Французи го гледаа погребниот обред, вклучувајќи ги и политичките  власти; учествуваа во болката на семејството, парохијата и бискупијата. Имав впечаток дека Французите се сетија на своите христијански корени. Сите тврдеа: Не се убива парох! пишува кардинал Жан Луис Туран во статијата во ватиканскиот весник Л’Осерваторе Романо (L’Osservatore Romano).

Некои не се двоумеа да кажат дека религиите се фактори за мир, продолжува кардиналот. Сето тоа е важно за денес и утре. Јасно е дека криминалците ја поткопуваат веродостојноста на меѓурелигискиот дијалог, но треба да се продолжи со средбите, меѓусебните разговори и кога е можно, заедно да се настапи за надминување на омразата. Често сум свесен дека бројни проблеми се настанати поради незнаење на едната или другата страна. А, пак, незнаењето раѓа страв. За да може заедно да живееме, треба на различниот да гледаме со почитување, со добронамерна љубопитност и желба за заедничко одење. Тешкотиите, разочарувањето, вчерашните и денешните трагедии треба да ги сметаме за навремени поуки, од нив луѓето треба да ја извлечат потребната мудрост за отворање на нови патишта, разумни  и храбри – тврди кардиналот и продолжи.

Потребно е со систематскиот катихизис да се продлабочува содржината на нашата религија, а ние католиците, што се однесува до тоа, сме привилегирани затоа што можеме да црпиме од богатото учење на папа Бенедикт XVI, кој повеќе од другите папи, говореше за потребата од христијанско-муслимански дијалог – заклучи кардиналот додавајќи:

Често се говори дека верскиот дијалог може да се насочи кон синкретизмот. Јас мислам спротивно од тоа. Всушност, јас би рекол дека меѓурелигискиот дијалог е најефикасниот лек против релативизмот. Имено, во дијалогот е на прво место исповедување на сопствената вера. Дијалогот не може да се темели на лицемерието – истакна кардинал Туран.

Затоа ми се чини дека настанот со убиството на свештеникот Хамел ни го зацврстува нашиот духовен живот, да го храниме со молитва и учење. Секогаш е добро да се потсетиме на она што свети Иван Павле II на 14 февруари 1982 година го говореше во Кадун,  во Нигерија: „Сите ние, христијани и муслимани, живееме под сонцето на единиот милосрден Бог. Го браниме достоинството на човекот. Се поклонуваме на Бога и ја исповедуваме целосната потчинетост кон Него. Христијанството и исламот имаат многу заеднички нешта: најпрво молитвата, обврската за правда проследена со милост и милосрдие, а особено почитување на човечкото достоинство кое е во основните права на секое човечко битие, вклучувајќи го и правото на животот на секое зачнато дете“ – потсети кардинал Туран додавајќи:

Можеме, односно, мораме заедно да работиме и да го промовираме верското образување, поради тоа што некои настојуваат да се заборави, дури и уништи духовниот аспект на човечкиот живот. Убивајќи го отец Жак, оној кој го смислил овој ужасен чин имал јасна цел: да покаже дека не е можен соживот меѓу муслиманите и христијаните. Ние веруваме и покажуваме дека, напротив, во Божјо име мораме во духот на искреноста и взаемната доверба да ги обединиме своите сили и заедно да работиме за хармонија и единство – истакна кардинал Туран.

Папа Фрањо постојано испраќа сигнали дека братскиот живот, не само што е можен, туку е и неизбежен и плоден. По повод поклонението во Светата земја, Папата на 26 мај 2014 година пред Големиот муфтија на Ерусалим рече: „На оваа наше земско поклонение не сме сами: се среќаваме со одот на други вери, понекогаш со нив делиме дел од одот, понекогаш заедно поминуваме одмор кој нас нè зацврстува. Ја живееме комуникацијата и братската размена затоа што може да нè зајакне и да ни даде сила за справување со заедничките предизвици кои се јавуваат пред нас“ – истакнува кардиналот накрајот од објавената статија.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот