Маријана Петир: Мораме да се бориме за традиционалното семејство

Маријана Петир: Мораме да се бориме за традиционалното семејство

Хрватската пратеничка во Европскиот парламент Маријана Петир учествуваше на 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која се одржа во Битола од 3 до 5 ноември 2016 година. Нејзиниот говор го пренесуваме во целост.

Семејството како место за човековото достоинство и раст во верата

Почитувани дами и господа, почитувани претставници, Екселенции, претставници на верските заедници, почитувани учесници срдечно Ве поздравувам. Благодарам на Министерството за култура на Република Македонија за поканата и можноста која ми е дадена да говорам на оваа значајна конференција.

На почетокот посебна порака сакам да испратам и до македонски народ: Не сте сами! Ние кои ја сакаме Македонија и кои знаеме дека Македонија со своите вредности припаѓа во европското семејство и понатаму силно ќе се залагаме за европскиот пат на Македонија. Сметаме дека Македонија неправедно веќе десет години е во чекалната пред вратите на Европската Унија заради билатералниот спор околу името, иако одамна ги исполни условите за отворање на преговорите. Македонија остварува континуиран напредок што верувам дека ќе го потврди и во најновиот извештај на Европската комисија и Европскиот парламент, а Македонија вложи и голем труд во управувањето со бегалската криза чувајќи ги надворешните граници на Европската Унија што треба да се почитува. Мојот став е дека Европската унија треба да ги започне преговорите со Македонија, а сите билатерални прашања можат да се решаваат во текот на преговорите. На крајот на краиштата така тоа се прави во семејството!

Токму за семејството сакам и да Ви говорам затоа што традиционалното семејство денес се среќава со многубројни предизвици, па и со обиди за негово редефинирање. Таквите трендови ги сметам особено загрижувачки затоа што доколку го редефинираме семејството неминовно ќе го редефинираме и општеството.

Семејството е темелот на секое општетство во него и со него започнува животот. Во семејството ги учиме првите чекори, првите зборови и првите молитви. Во закрилата на семејството прифаќаме вредности и учиме за она што е добро. Во семејството се обликува нашиот карактер, се развиваат вештини, се гради самодоверба и чувство за другите. Семејството е првото училиште за меѓучовечките односи. Семејството нѐ учи на толеранција и почитување на другите, во семејството учиме какви луѓе треба да бидеме. Семејството е тоа кое треба од мали нозе да нѐ научи дека човечкото достоинство нема цена, дека почитта не може да се купи, дека вистината не е роба за чија вредност е можно да се преговара, да не го правиме на другите она што не сакаме другите да ни го прават на нас.

Традиционалното семејство со векови ги чува вредностите на кои е изградено нашето општество, оние вредности кои се единствено вистинските и гарант за опстанок на општеството во целина. Во традиционалното семејство богатството се мери со децата, а не со парите; Бракот е света Тајна која не може да се распушти; младите ги почитуваат постарите, а своите родители ги сметаат за наголемиот авторитет; сите работат и придонесуваат за својата семејна заедница, а традиционалното семејство се карактеризира со пожртвуваност, посветеност и длабоко заедништво. Воспитани во традиционално семејство и со традиционални вредности младите се стремат да засноват сопствено семејство кое ќе го градат на традиционалните темели на кои и тие пораснале.

Овој опис не е некој недостижен идеал, такво семејство постои, но во денешниот свет често се среќава со осуди и за негов опстанок мораме да се бориме во ова време и со светот кој за жал дава предност на поинаков систем на вредности кој е во спротивност со вистината и природниот закон.

Дојдовме до момент во кој е неопходно бракот и семејството со закон да ги дефинираме како заедница на жена и маж, затоа што таа природна и сосема природна заедница на жена и маж со векови призната како таква и никогаш до сега не доведена во прашање повеќе не се препознава како таква. Граѓаните на Хрватска на референдум изгласаа дефиницијата за бракот како заедница помеѓу маж и жена треба да се внесе во Уставот, а тоа ќе биде неопходно да се направи и во многу други земји. Дојдовме до момент во кој нешто што е природно и според неговата природа мораме да го дефинираме како такво затоа што постојат групи кои сакаат сфаќањето за бракот да го прошират, одземајќи му ја смислата и вредноста.

Дојдовме до момент во кој мораме да се бориме нашите ќерки да бидат девојчиња, а нашите синови да бидат момчиња затоа што некој сака да каже дека полот всушност не е важен и сака преку системот на образование да ја всади идејата „родот“ може да се менува според волјата.

Дојдовме до момент во кој се негира самиот живот во кој е модерно и сосема нормално да се маршира против животот, а промоторите на животот да се осудуваат, навредуваат и физички да се напаѓаат. Застапниците на човековите права така го поништуваат основното човеково право: правото на живот со квази правото на избор. Златно правило за нив како да не постои.

Дојдовме до момент во кој толку се застапуваат т.н. модерни права и слободи додека некои други, оние основните од кои сите појдуваат и без кои нема ниту живот, ниту соживот, ниту мир без размислување се негираат и прекршуваат. „Нормалното“ стана „заостанато“, а нормално стана нешто што е спротивно на уставите на државите, меѓународните конвенции, повелбите за човековите права…

Со право денес можеме да се запрашаме каде исчезнаа човековите права и дали некому во овој идеолошки неред му е грижа за човековото достоинство? Достоинството на секој човек се стекнува со самото раѓање. Самиот Бог со создавањето на човекот му дава достоинство затоа што го создава на своја слика. Па, почитувајќи го човекот го почитуваме Бог, затоа што секој човек е Божјо творечко ремек-дело. Бог човекот го создал како највозвишено битие на земјата и му дал власт да управува со сѐ што создал. Од тоа исто така произлегува достоинството на човекот. Затоа имаме обврска да го почитуваме другиот, но имаме и право другите нас да нѐ почитуваат.

Овде станува јасно колку е важно воспитанието за вредностите за добро, добропоставено семејство, семејство кое своите деца ги воспитува во љубов, кое своето воспитание го засновува на верата кое е право и изворна појдовна точка за исправен начин за сфаќање на животот, човекот, човековото достоинство. Како христијанка појдувам од христијанството, но како теолог можам без двоумење да кажам дека секоја вера е добра почетна точка за правилно воспитување на децата.

Но, дозволете ми сепак да реферирам за христијанството. Кај обредот на Крштението родителот ја презема одговорноста дека детето ќе го воспитува во верата со цел да го научи да го љуби Бог и ближниот токму како што нас Исус Христос тоа нѐ учеше. По вториот Ватикански собор црковните документи покажуваат кон семејството големо внимание. Од една страна на семејството се гледа во смисла на една „домашна Црква“, а од друга страна се нагласува улогата на семејството и неговата одговорност за пренесувањето на верата.“ Како што и самиот папа Фрањо истакнува: „Семејството е место каде верата станува жива и животот расте во верата.“

Та и таквото семејство денес е загрозено, до тоа допринесува и современиот потрошувачки менталитет кој се стреми кон себичност и хедонизам, демографската криза, но и моќните лобија кои промовираат искривена слика за вредностите и за тоа добиваат право во јавноста. Нашите деца и младите се дезориентирани и збунети во хаосот кој сака да редефинира апсолутно сѐ. Но, родителите имаат првенство во воспитанието на своите деца, тоа е право кое не смее да биде избришано и за кое исто така мораме да се бориме – родителите во здрава средина за своето семејство да ги воспитуваат своите деца во согласност со своите уверувања, внесувајќи во нив исправни вредности. Така се воспитуваат млади луѓе, здрави индивидуи со здрави карактеристики кои утре ќе ја градат и менуваат оваа земја, но и целиот свет.

Дозволете ми да завршам со еден цитат од омилената светица – нашата света Мајка Тереза. „Знаете никогаш не сум сакала да го променам светот. Само настојував да бидам капка чиста вода во која ќе се одразува Божјата љубов. Ви изгледа ли тоа мала работа?“ Верувам дека сите овде сме со една иста цел – да го сочуваме највредното што го имаме, да го сочуваме она што го изградиле толку многу цивилизации – семејството и вредностите. Вредностите кои во нас ги всадиле нашите родители, баби и дедовци, а со кои сме растеле и кои нѐ изградиле. Да се биде капка чиста вода во која ќе се одразува Божјата љубов значи да се негуваат и шират и понатму тие вредности кое сме ги преземале од своите семејства. И не, тоа никако не е мала работа, туку исклучително голема – тоа е она највредното што можеме да го оставиме на идните генерации. Можеме повторно да ги исправиме искривувањата кои се наметнуваат на денешниот свет и да го промениме на подобро со воспитанието за вредностите – за благосостојба на нашите деца.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Колумни, Семејство

За авторот